Бројки и факти за Зимските олимписки игри во Пјонгчанг

105

Северна и Јужна Кореја на Игрите ќе се појават заедно под специјално унифицирано знаме за време на церемонијата за отворање.

На Олимпијадата пријавени за настап се 2.925 спортисти и повеќе од 3.500 официјални лица од 93 земји. Најмногуброен тим ќе има САД со 242 олимпијци, втора е Канада со 226, а трета, воедно и најмногубројна европска држава, е Швајцарија со 169 олимпијци.

Од поранешните југословенски републики најброен тим има Словенија 71, втора е Хрватска со 19, Србија и Босна и Херцеговина ќе имаат по четворица претставници, Македонија и Црна Гора по тројца, а дебитантот Косово ќе има еден олимпиец.

Македонија ќе има тројца претставници: Антонио Ристевски, Ставре Јада и Викторија Тодоровска.

Меѓународниот олимписки комитет го зголеми бројот на дисциплини на 16.

Нови дисциплини се воведени во алпското скијање, карлинг, брзо лизгање и бордање. Во програмата за алпско скијање воведено е екипно натпреварување, во карлингот натпреварување на мешовити екипи, во брзото лизгање нова дисциплина ќе биде масовниот старт, а во борадњето се воведени акробатски скокови.

Во однос на последната Олимпијада исфрлен е паралелниот слалом.

На официјалните делегации и службените лица на Игрите ќе им помагаат околу 17 илјади волонтери.

Медалите се дизајнирани од јужнокорејскиот уметник Ли Сук Во. Има рекорден број златни медали 102, а направени се вкупно 259 комплети медали. На овие Игри ќе бидат поделени најтешките медали во историјата на олимписките игри – златниот медал тежи 585 грама, сребрениот 580 г., а бронзениот медал 494 грама.

Во досегашната историја на ЗОИ најуспешна е Норвешка со вкупно освоени 332 медали (118 златни 113 сребрени и 101 бронзен).

Првата зимска Олимпијада се одржа 1924 година во Шамони, Франција. Меѓународниот олимписки комитет веќе одлучи домаќин на следните ЗОИ во 2022 година да биде кинеската престолнина Пекинг.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...