Корона култура

Некаде и цели семејства пристојно живеат од оваа и ваква култура. Други пак, како некои наши национални „херои“, заработуваат цели богатства во една календарска година. И сето тоа за оваа и ваква држава е посакувано, прифатливо, дури логично

448

Каква врска има корона вирусот со културата? Никаква, ама кај нас – секаква, зашто најточно ја исцртува немоќта на државава сериозно да се справува со големи континуирани предизвици, меѓу кои некои и опасни по животите на нејзините граѓани. Или, можеме да ја направиме дури и оваа споредба: корона вирусот е сериозна општа опасност којашто, ако не е соодветно третирана, во даден миг може да биде дури и терминална за голем број граѓани. Ама некултурата, односно корона (не)културата во континуитет од неколку децении е опасна за цели последователни генерации кои остануваат културно осакатени, неспособни да се справат со современите културни предизвици, при што се и целосно некомпатибилни со современа Европа. А онаа малоумна лекарка, згора и директорка на државна клиника, е само уште еден типичен производ на македонските животозагрозувачки политики, во случајов разбрано и буквално! А колку такви малоумници на одговорни позиции има низ државава, колкумина и буквално ги имаат нашите животи во нивните неуки и нестручни раце? И замислете утре некому да му падне на ум да ја реализира онаа (еднакво малоумна) идеја во Македонија да се градела нуклеарна постројка. Па згора на тоа замислете некоја таква будала како докторкана да седне на директорската фотелја и да си игра со црвеното копче? Одговорните држави работат со одговорни луѓе – проверени низ многу филтри (не само партиски), сериозни, компетентни, одговорни… поединци во кои граѓаните ќе имаат целосна доверба. Одговорни државни работи не се само меѓународната политика и адекватните меѓудржавни договори, туку и домашните проблеми, дури и локалните. А меѓу нив и културните, на коишто оваа држава не им обрнува ама баш никакво внимание.

Затоа, де факто имаме и корона култура зашто имаме онакви односно слични корона раководни структури како будалана во бел мантил. И повторно: нашата корона култура убива во децениски континуитет и особено ги напаѓа младите (возрасните се тука повластена категорија, веќе се стекнале со имунитет!). И повторно никој за тоа не се грижи!

Елем, државната контрола во културата се одвива главно на два магистрални правци: контрола на раководењето и контрола на парите. Или, ако баш сакате, токму таму каде што треба. Се разбира, низ овие две генерални насоки се преплетуваат уште едно чудо скриени и полускриени улички низ коишто, повторно, функционира системот на контрола и управување, ама да речеме дека тие се второстепени или не се толку важни. (Иако се, ама сега ќе ги игнорирам). Оние две генерални насоки се рбетот на државната интервенција кај нас. Без нив државата практично би се саморазвластила, би ги загубила, или подобро речено би ги делегирала најважните инструменти и механизми на контрола и, барем во културата, би заличила на современа европска држава. Кога би сакала, се разбира. Ама – не сака. Каде инаку би ги сместила своите неспособни партиски „кадри“, како инаку ќе создава културни абонентни, клиентела која им се поклонува на сите нивни будалаштини ама за возврат добива убави пари?! Некаде и цели семејства пристојно живеат од оваа и ваква култура. Други пак, како некои наши национални „херои“, заработуваат цели богатства во една календарска година. И сето тоа за оваа и ваква држава е посакувано, прифатливо, дури логично.

Главната оска по којашто се организира државата во контролата на раководењето е стариот, добро проверен (и во социјализмот) ситем на поврзување, организација на државната администрација преку ешалоните партиски апаратчици кои потоа ги контролираат сите раководни механизми. Тие не се којзнае колку бројни, уште помалку се паметни, ама се добро вмрежени, умеат да слушаат и да извршуваат наредби! Преку нив, понатаму, државата/власта, која и да е, успешно ќе ги реализира сите свои планови, а едновремено ќе ги потиснува спротивставените им независни сили, ќе го обесхрабрува, дури спречува нивното организирање, ќе ги компромитира ако треба, итн. На тој начин државата/власта ја спроведува контролата врз институциите, толку колку што сака и колку што смета дека е потребно. Меѓутоа, кога би се спровела анонимна анкета меѓу вработените во културата, повеќе од 80% не само од актуелниот туку и од бившиот етно-партократски директорски состав би добил црвен, дури црн картон. Тие и такви партиски извршители се и десната и левата рака на власта. Па ве молам, сетете се на агонијата низ којашто минуваа безмалу сите културни институции во последната деценија? Сетете се на што личеше, на пример, Музејот на современата уметност со оние полуписмени партиски директори до пред две-три години? Или на што (сè уште!) личи оној т.н. Музеј на Македонската борба, кој досега успеа да заглупави барем десетина генерации. Или, ако сакате, ѕирнете малку зад „фасадата“ на актуелната Национална галерија каде на ретроспективни изложби, значи јавно, „стручњаците“ изложуваат осакатени дела, како што беше примерот на ретроспективната изложба на Танас Луловски, каде на самиот влез стоеше само еден – повторувам: само еден т.е. половина! – дел од диптихот од Божидар Дамјановски посветен на Тане! И никој за тоа не сноси никаква одговорност, со тоа дури и се фалат!!!

Затоа впрочем и говориме, сè уште, за заробена култура, за осакатени институции, токму заради процесот на контрола на раководењето од страна на државата односно заради неспособните и неуки партиски апаратчици сместени на раководни места. Впрочем, земете ја за пример која и да е друга национална институција кадешто државата замешала прсти во поставувањето на раководни луѓе.  Извинете ама тоа е таа корона култура, тоа е тој културен срам (не само) за државата, тоа е узурпација не само на институциите туку и на професиите и професионалноста. Кому освен на власта му служат македонските културни институции, кои се нивните цели, и задачи, за што се основани а што прават/„произведуваат, која е нивната вистинска општествена/културна улога или нивна првенствена должност е да им служат само на партиите што ги поставиле своите директори таму?

Кога пак катастрофалното раководење ќе го споите со финансиската контрола – за којашто ќе пишувам следниот пат – и количествата пари што се истураат во тие и такви институции, тогаш ги согледувате пандемичните размери на нашава културна катастрофа. Најчесто велиме дека во културата сепак има малку пари, дека тие не се доволни за сите потреби, ама ретко сакаме да кажеме дека некогаш – или веќе секогаш – тие пари се и премногу за она што реално граѓанинот го добива од институциите под државна контрола. Сакам да кажам дека денес ниту една сериозна држава во светот не финансира партиски и групни желби туку јавни потреби/интереси, особено во културата. А ние испорачуваме само партиски и групашки нарачки и сосема ретко резултати коишто, главно, се производ на лични заложби и стручност.

Извор: Теодосиевски уметност

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...