Народот очекува итни и многу поенергични мерки против ширењето на коронавирусот во Македонија!

Апелирам одговорните луѓе во техничката влада на Македонија многу посериозно да се посветат на акутниот проблем со кој се соочува земјата. Мерките преземени во некои земји, како што се прекинот на наставата или хрватскиот модел на изолација на потенцијалните пациенти, се драстични, но јас сум сиурен дека се плод на промислени анализи на врвни експерти. Нека не се губи време, заразата и кај нас опасно се шири.

6417

Премиере Оливер Спасовски, министре Венко Филипче и сите вие кои сте одговорни за здравствената состојба на луѓето во оваа земја – како што потврди денес првиот човек на Светската здравствена организација, заканата од пандемија од коронавирусот е многу реална.

„Мора да сфатиме дека со секоја правовремена одлука, можеме да го забавиме коронавирусот и да спречиме нови зарази“, вели тој.

Народот во Македонија очекува итни и поенергични мерки против ширењето на вирусот. Крајно време е да се донесат правовремени одлуки, во духот на народната – подобро да се спречи одошто да се лечи.

Хрватска денеска донела енергична одлука странските државјани кои влегуваат во оваа земја од од земјите каде има жаришта на заразата да бидат во задолжителен карантин во траење од 14 дена, а хрватските државјани ќе добиваат решение за самоизолација.

Грција ги одложи сите летови кон аеродромите во Северна Италија. Во оваа земја до 22 март превентивно се затворени 34 училишта, речиси сите во областа Атика, поширокиот регион на грчкиот главен град Атина.

Албанија презела уште поенергични мерки. Освен што се прекинати летовите кон Северна Италија и кон други области, прекината е и наставата целата земја, а одложени се сите јавни собири. Сево ова во Албанија ќе трае до 3 април, а за понатаму ќе решава ситуацијата.

И австрискиот канцелар Себастијан Курц најавил затворање на училишта, градинки и универзитети, но, како што нагласил, „во вистинско време и во вистински обем“. Се очекува тоа „вистинско време“ да дојде многу брзо.

Да се инсистира и во Македонија да се преземат слични мерки не е ширење паника, другарки и другари, дами и господо, туку сосема обратно – ширење свест за одговорноста на здравствените власти во време кога заразата опасно се шири меѓу нас.

Мерките кои до овој момент се преземаат во Македонија се недоволно ефикасни и не се насочени кон обидот да се постигне помасовен ефект на изолација и самоизолација на поголеми групи население, метода која засега дава пристојни резултати во спречувањето на масовното ширење на вирусот.

Во Европа и во светот веќе се преземаат токму такви остри и енергични мерки, зашто, како што предупредува и германската канцеларка Ангела Меркел, на тој начин ширењето на заразата се забавува и се купува време, драгоцено време што им е потребно на научниците да најдат лек за оваа „чума“.

Апелирам одговорните луѓе во техничката влада на Македонија, без оглед на преземените обврски во поглед на изборната кампања, многу посериозно да се посветат на акутниот проблем со кој се соочува земјата и веднаш да преземат итни и енергични мерки против коронавирусот. Мерките преземени во земјите што ги набројав, како што е прекинот на наставата или хрватскиот модел на изолација на потенцијалните пациенти, се драстични, но јас сум сигурен дека се плод на промислени анализи на врвни експерти.

Не би сакал на ова добронамерно предупредување да потсетувам во деновите што доаѓаат. И да не се залажуваме – вирусот во Македонија ќе продолжи да се шири, најверојатно со засилено темпо, како и во сите други европски земји. Да се спречи или барем да се забави ширењето на заразата е врвен приоритет на сите одговорни луѓе во земјата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...