АРГУМЕНТИ Казандол еколошки безбедно ќе произведува бакар

149

Украинската компанија „Сардич МЦ“, која, како и сите рудници во земјава, се најде во центарот на расправата околу актуелните измени на Законот за минерални суровини, поради рудникот Казандол, воведува најсовремена технологија во процесот на вадење на бакарот од рудата, технологија што ги исполнува систе светски стандарди за еколошки чиста и безопасна за граѓаните, тврди раководството на компанијата.

Бошко Сибиновски, директорот на „Сардич МЦ“, вели дека граѓаните не треба да имаат дилеми во однос на заштитата на околината, бидејќи во рудникот Казандол ќе се врши безбедно ископување на руда и безопасно производство на бакар.

– Тоа го потврдија и најкомпетентните светски компании во областа на заштита на животната средина и производство на технологија за вадење на бакарот од рудата, која се базира на високи стандарди за безбедна околина, Независна еколошка анализа на проектот спроведе финската компанија „Poyry“, која е компанија број еден во светот во спроведувањето на еколошки ревизии. Нејзините препораки ги испочитувавме до крај. Технологијата која се вградува во производниот процес е најнова на компанијата „Outotec“, која строго ги почитува Глобалниот договор под покровителство на ОН за животна средина и не прифаќа да работи со фирми кои не ги почитуваат еколошките стандарди – вели Сибиновски.

Исполнети обврски

Тој додава дека дополнително компанијата ги исполнила обврските според строгите македонски закони и директивите на Европската Унија и препораките на Euromines за најдобри достапни технологии.


Бошко Сибиновски

– Овие технолошки решенија обезбедуваат работа во затворен циклус и целосно го исклучуваат истекувањето на било каков раствор надвор од границите на преработувачкиот комплекс, односно од рудникот. Да напоменам дека на ниту еден инвеститор не му е од интерес во еден ваков процес на производство да губи руда, зашто еден грам бакар на почетокот на процесот значи 40 грами бакар на литар течност на крајот од процесот – појаснува директорот на „Сардич МЦ“.

Во технолошкиот процес на излачување на бакарот нема да се користи сулфурна киселина, туку нејзин слаб раствор.

– Станува збор за раствори од 4 до 6 грама на сулфурна киселина на литар, или во вид попознат како син камен. За илустрација, во растворот на оцетна киселина што се применува во готвењето храна се содржани 30 – 150 грама чиста оцетна киселина на литар раствор. Овој раствор се користи за влажнење на рудата преку црева по систем капка по капка. Растворот во никој случај не се исфрла од процесот на производство, туку повторно се враќа на почетната позиција, а нема ниту можност да испари, бидејќи расторите на сулфурна киселина имаат температура на испарување од 102 степени Целзиусови, додека максималната забележана температура во Валандовскиот регион изнесува 45 степени.Според тоа, физички е невозможно да има кисели дождови во регионот – убедува Сибиновски.

Работниците нема да мора ни маски да носат

Процесот на лужење, кој се реализира во затворени цевки и во затворен погон, е толку безопасен што, како што тврди Сибиновски, што работниците кои ќе го контролираат не треба да носат заштитни маски. Дополнително, погонот е издигнат на одредена висина од земјата и во секој момент може да се види дали од некоја од цевките истекува раствор.

Од компаниајта додаваат и дека сите објекти на проектот, вклучувајќи ги езерата, градбите и зградите, се пресметани за сите случаи на природни катастрофи. Така, капацитетот на езерата е пресметан за максимални поплавни води, сите резервоари, предвидени за чување на слабите раствори од сулфурна киселина се сместени во посебно подготвени објекти, покриени со хидроизолација и со посебен антикиселински премаз, коишто се пресметани за максимално задржување на растворите од сулфурна киселина. Сите згради и градби се пресметани и изградени со водење сметка за максимална издржливост и безбедност од можните случаи на земјотрес.

Во „Сардич“ има подготвено и план за затворање на рудникот.

– Земјата од рудникот и околината ќе биде незагадена и подложена на ремедијација по 20 години кога ќе треба да го затвориме рудникот. Просторот ќе биде озеленет – вели Сибиновски.

Ќар за државата, за општината, за сите…

Досега само за изработка на сите овие проекти и за анализи за заштита на животната средина, инвеститорот одвоил 3,5 милиони евра. Вкупната инвестиција ќе биде околу 35 милиони евра. Во текот на експлоатацијата, компанијата планира да одвојува дополнително по околу 50 .000 евра годишно за заштитата на животната средина, а на крајот од експлоатацијата на рудникот предвидува и дополнителни инвестиции во оваа област во вредност од околу 1,2 милиони евра.

Отворањето на Рударскиот комплекс Казандол значи вработување на околу 200 лица. Во општината годишно ќе се слеваат околу половина милион евра . Државата, пак, ќе инкасира годишно по 2 милиони евра по неколку основи вклучително и концесискиот надоместок, наплата на годишен насомест на концесија за експлоатација од од околу 40.000 евра и дополнитлено за закуп на градежно земјиште и даноци.

Годишно се планира производство од 4.400 тони бакарни катоди.

Концесијата Казандол се наоѓа во југоисточниот дел на Македонија, 5 километри јужно од Валандово, 7 километри северно од Богданци и 15 километри од границата со Грција. Во близина на центарот на концесија се наоѓа селото Казандол.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...