ПОЛЕМИКА Инвеститорот ги соочува аргументите со здруженијата – Казандол сепак безбеден!

133

По објавениот текст на Плусинфо со наслов „АРГУМЕНТИ Казандол еколошки безбедно ќе произведува бакар“, пренесен делумно и од „Слободен печат“, во име на неколку здруженија, со реакција се огласи Ангел Наков, претседател на здружението „Спас за нас“ од Гевгелија. Наков обвинува дека написот на Плусинфо е „лажење до бесвест“ и „манипулација со граѓаните“.

Заради правилно и аргументирано информирање на граѓаните, Плусинфо повторно се обрати до компанијата „Сардич МЦ“, од која побаравме да одговори на сите наводи и обвинувања во реакцијата на здруженијата, со цел уште еднаш да се соочат аргументите за рудникот Казандол. Сметаме дека тоа е единствениот начин да се дојде до вистината.

Компанијата „Сардич МЦ“ возврати на нашето барање и подготви директен писмен одговор на реакцијата потпишана од Ангел Наков, одговор, во кој на почетокот се вели:

„Почитувани претставници на ‘Спас за нас’ од Гевгелија, ја разбираме Вашата загриженост за заштита на животната средина и здравјето на граѓаните, но го разбираме и Вашето недоволно познавање во оваа област. Незнаењето не е инвалидитет, но само доколку имате желба за вистината. Затоа вистината оставете им ја на експертите и на научниците. Редно е да се зафататите со вистинските проблеми во насока на здрава животна средина, а не пристрасно да ја обвинувате нашата компанија, без факти и аргументи. Во услови на недостиг на информации, изнесувате обвиненија со тотално ирелевантни податоци. Како компанија секогаш сме отворени за јавноста и доколку било кој граѓанин ја бара вистината, на располагање сме во кое било време. Мораме да потенцираме дека и вие како невладини организации бевте уредно поканети на сите наши досега одржани расправи, (во Стопанската комора, на пример), но ниту еден ваш и ниту еден претставник на другите организации кои толку ревносно се борат против Казандол, не се одзва на поканите. Дилемата е – дали бегате од соочувања? Но, со ред, ќе одговориме на вашите т.н. забелешки и реакции“.

1. Нема ништо нејасно околу концесијата – ирелевантно е дали е таа само за бакар, или и за злато и сребро

Во дописот на Наков стои: „Компанијата Сардич МЦ има добиено концесија за експлоатација на бакар, злато и сребро, а не само на бакар како што стои во насловот на текстот (Сл.в.бр.17/2015), Површината на концесискиот опфат е 1.500 хектари (безмалку половина Скопје)“.

Во одговорот на „Сардич МЦ“ се вели: „Во опфатот на концесискиот простор, Концесионерот побара дозвола за експлоатација само на простор од 2,87 км2 или поточно 287 хектари и тоа само за експлоатација на бакар, согласно проектираната и одобрена технологија, претходно образложена и во Студијата за оцена на влијанието врз животната средина. Така што независно од вкупната површина на концесијата, концесионерот Сардич МЦ, согласно дозволата за експлоатација, може да врши експлоатација во екплоатационото поле со површина од 2,87 км2 или 287 хектари, додека пак рудното тело опфаќа само приближно 44 хектари од таа површина, а остатокот е инфраструктура. Заклучокот е јасен: ирелевантно е дали концесијата е за експлоатација на бакар, злато и сребро или само на бакар.

2. Капиталот украински, фирмата македонска – што има лошо во тоа што профитот останува во Македонија?

„Спас за нас“ реагира: „Компанијата Сардич МЦ, не е ‘украинска компанија’ туку е македонска компанија регистрирана во Централниот регистар на Република Македонија како ‘Сардич МЦ Дооел експорт импорт Скопје’. Основач на ‘Сардич МЦ’ е македонската компанија ‘Копер инвестментс ЈСЦ Скопје’“.

„Сардич МЦ“ им одговара на здруженијата: „Инвеститорот Сардич МЦ и неговиот основач Копер инвестментс се друштва коишто се регистрирани според македонското законодавство, но нивниот основачки и инвестиционен капитал потекнува од странство и е сопственост на странски физички лица (државјани на Украина) и странска компанија (со седиште во Лондон, регистрирана според британското законодавство). Следствено на тоа, не е грешка, ниту пак е невистина, да се каже дека Сардич МЦ е ‘украинска’ или ‘британска’ компанија, регистрирана според македонското законодавство. Тоа што Вие го наведувате како недостаток е всушност голема предност, затоа што нашата компанија егзистира во Македонија, а тоа значи дека целиот профит останува во Македонија. Оттука, нема поголем доказ за позитивните намери врз македонската економија“.

3. Има македонска, но има и студија на реномирана финска компанија, која ги подобрува еколошките аспекти на Казандол

„Согласно македонската законска регулатива – пишува Наков – само лиценцирани македонски компании можат да изготвуваат студии и да донесуваат оценки за влијанието врз животната средина на било какви стопански објекти. Тоа важи и за рударскиот комплекс Казандол. Ирелевантно е дали некоја финска компанија им правела независна еколошка студија“.

„Сардич МЦ“ на ова има категоричен и обемен одговор:

„Студијата за оцена на влијанието врз животната средина за Рударски комплекс за производство на катоден бакар Казандол – Општина Валандово е изготвена од еминентна македонска лиценцирана компанија ЕМПИРИЈА ЕМС од Скопје, која зад себе има искуство во изработка на вакви комплексни студии. Студијата е одобрена од Министерството за животна средина. Но и покрај тоа, Сардич МЦ, раководејќи се од своите основни принципи за заштита и унапредување на животната средина, безбедноста и здравјето на луѓето, дополнително на барањата на македонското законодавство, побара и надворешна ревизија на проектот која ја изврши реномираната финска компанија ПОИРИ, која повеќе од педесет години во Европа е еден од водечките брендови во консалтинг менаџментот за инженеринг и животна средина. И токму оваа компанија даде позитивен заклучок за проектот, како и предлози за дополнително подобрување со примена на најсовремените прописи на Европската Унија за еколошка безбедност коишто се имплементирани уште во процесот на проектирање на Комплексот Казандол.

Благодарение на тоа, во проектот е применета и највисоката технологија која постои во моментот за добивање на катоден бакар од финската компанија АУТОТЕК (12-то рангирана на Глобал 100 листата на најстабилни компании во областа на заштита на животната средина во светот во 2013 година). Во самиот проект, како резултат на препораките од ПОИРИ, дополнително се инвестирани 2,5 милиони евра за подобрување на мерките за заштита на животната средина, безбедноста и здравјето на луѓето, како и социјалните мерки и за истата цел дополнително се планирани 50.000 евра годишно.

Оттука, наивни се Вашите тврдења дека ирелевантно е ангажирањето на една од најреномираните светски компании, затоа што наш врвен приоритет е заштита на животната средина и здравјето на граѓаните“.

4. Лага е дека ќе се користи 98% сулфурна киселина – ќе се користи целосно безопасен воден раствор со концентрација од 0,5%!

„Спас за нас“ обвинува: „Објаснувањето дека ќе користеле раствор со ниска концентарција на сулфурна киселина во производниот процес, е тотално небитно. Битен е фактот дека на годишно ниво рудникот Казандол ќе користи 6.000 тони 98% сулфурна киселина.“

Ова е одговорот на инвеститорот: „Рударскиот комплекс Казандол ќе користи воден раствор со ниска концентрација на сулфурна киселина. Не е точно дека се користи во процесот на лужење 98% сулфурна киселина. Напротив, во технолошкиот процес се користи воден раствор во кој концентрацијата на сулфурната киселина е околу 5 г/л вода (или 0,5%). Инаку, ова е тенденциозно извртување на фактите. На пример оцетната киселина во концентрација од приближно 98% е токсична, нагризувачка супстанца – опасна материја која истовремено во оваа концентрација е и прекурсор, додека во воден раствор од 50-60 г/л вода е прехранбен продукт (во случајот на вински оцет, дури и со декларирани сулфити). Во процесот на лужење растворот на сулфурна киселина го врзува и излачува бакарот во форма на бакар сулфат (попознат како син камен или популарно, бордова чорба). Како компанија која се раководи од професионалноста и стручноста во оваа област, прашуваме – како вие дојдовте до заклучок кои факти се битни, а кои небитни? Токму затоа, апелираме, слушнете го гласот на науката и на експертите во оваа област“.

5. Лужењето сепак ќе се врши во затворен и безбеден циклус – ниту капка штетна материја нема да заврши во животната средина!

Едно од посериозните обвинувања со потписот на Наков е неговото тврдење дека било „апсолутна невистина дека процесот на лужење ќе се реализирал во затворен погон“. Вистината, според него, е следната: „Лужењето на бакарната руда ќе се врши на одлагалиште на ископана бакарна руда, последователно на неколку нивоа, со раствор за лужење (ниско концентрирана сулфурна киселина), што ќе се напрскува (оросува) на површината на одлагалиштето. Одлагалиштето претставува посебно проектирана зона во опфатот на рударскиот комплекс“ (извадок од стр. 52 од нивната Студија за оценка на влијанието врз животната средина). Одлагалиштето е на отворено со површина од над 150 хектари“.

Но, тука е и клучниот аргумент на инвеститорот „Сардич МЦ“: „Никој досега не кажал дека процесот на лужење ќе се реализира во затворен погон и не е убаво да се извртуваат фактите и да се дезинформира јавноста, посебно што тоа не е ниту технолошки, ниту пак просторно изводливо. Всушност, лужењето како технологија на извлекување на бакарот од земјата во Рударскиот комплекс Казандол е така проектирано што ќе се одвива во целосно безбеден и затворен циклус, составен од повеќе фази од кои почетната е системот на оросување на рудата со примена на систем ‘капка по капка’ со воден раствор во кој содржината на сулфурната киселина изнесува околу 5 г/л вода, додека пак последната фаза завршува со електролиза која се одвива во затворен Производствен погон и со помош на која бакарот се извлекува од водениот раствор и се добива готов производ (бакарна катода со чистота од 99.99%). Особен акцент сакаме да дадеме на фактот дека од работењето на Комплексот е исклучено секакво испуштање и емисии во медиумите на животната средина, ниту во почва, ниту во вода како површинска, така и подземна, ниту во воздух.

6. Законот бара браните да прифатат 50-годишна вода, а проектот овозможува да прифатат илјадагодишна вода!

Наков го проблематизира и тврдењето дека капацитетот на езерата бил пресметан за максимални поплавни води. „Еве што велат – пишува тој – во нивата Студија за оценка на влијанието врз животната средина, стр.204 (СОВЖС): ‘При евентуална појава на поројни дождови можна е појава на позитивен дебаланс во процесот на наводнување на одлагалиштата, преплавување на собирните езера, излевање на работните раствори и нивно неконтролирано истекување ва околоното земјиште или површински води’“.

Одговорот на „Сардич МЦ“ е следниот:

„Повторно се извртува вистината и погрешно се прикажуваат фактите, со цел јавноста да добие погрешна претстава за проектот и кај граѓаните да се создаде негодување, а истовремено и загриженост за животната средина и нивната безбедност и здравје. Цитираниот текст од студијата е дел од поглавјето во кое се предвидени/проектирани мерки за да не дојде до опасноста за која што во цитираниот текст се зборува. Ризик од настанување на опасности постојат во секоја сфера, па и во секојдневниот живот и неприменувањето на потребните мерки може да доведе до несакани последици. На пример, дури и едно банално заборавање да се исклучи чешмата за вода може да доведе до поплавување во домот или во деловните простории и слично, заборавање да се исклучи шпорет, греалка или друг електричен уред може да предизвика пожар итн.

Токму затоа, дел од фокусот со дополнителните ревизии беше ставен меѓу другото и на безбедноста на браните кои што се проектирани и изведени за да можат да прифатат напливен бран на илјадагодишна вода и покрај тоа што со законските норми за ваков тип на објекти е предвидено прифаќање наплив на 50-годишни води, а сѐ со цел за максимална заштита на животната средина и безбедноста на луѓето“.

7. Во рудникот директно ангажирани стотина работници, а сосе инфраструктурата и поддршката – повеќе од 250!

„Во текстот – пишува Наков – тврдат дека ќе вработеле околу 200 луѓе. Во официјалната нивна студија пишува дека ќе се отворат само 101 работни места (стр. 146 од СОВЖС)“.

Инвеститорот одговара: „Во отсуство на реални аргумени, се фаќате за сламка, но со огромно задоволство ќе одговориме и на ова прашање. Во Студијата е проектиран минимално потребниот персонал без кој не би можел да функционира комплексот, но доколку внимателно се разгледа проектираниот персонал, може многу лесно да се воочи дека во вкупната проектирана бројка не е вклучен персоналот кој ги врши рударските работи, персоналот за транспорт, персоналот за услужните дејности и слично, како и персоналот на надворешните изведувачи коишто ги ангажира инвеститорот. Кога ќе се соберат сите овие лица, директните и индиректните вработувања сериозно ја надминуваат бројката од 250 ново ангажирани лица, од кои директно во Комплексот за преработка се предвидени најмалку стотина вработени. Така што, ги повикуваме сите оние кои се заинтересирани за работа, да ги следат нашите огласи кои се објавуваат и на нашата веб-страница“.

8. Не е лага – државата од Казандол сепак ќе инкасира годишно 2 милиони евра

„Спас за нас“ обвинува: „Ноторна лага е дека државата ќе инкасирала 2 милиона евра на годишно ниво од Казандол. Согласно Тарифата за надоместок за експлоатација на РМ, рудникот плаќа само 2% годишно од вкупно произведениот метал. Самите тврдат дека годишно ќе произведуваат 4.400 тони бакар, чија моменталната цена на светската берза е 5.600 евра/тон. Тоа значи дека годишно Казандол ќе инкасира 26.400.000 евра, а на државата ќе ѝ плаќа само 492.000 евра + 40.000 евра надоместок“.

Но, инвеститорот „Сардич МЦ“ има други аргументи:

„Не е ноторна лага дека државата ќе инкасира близу 2 милиона евра на годишно ниво, за што говорат и следните економски факти:

Просечната месечна плата на вработените во компанијата изнесува 728 евра.

Ова се индиректните економски придобивки од проектот:

– Зголемувањето на куповната моќ на жителите на Општината,
– Зголемување на потрошувачката на производи и услуги од ангажираните изведувачи, нивните подизведувачи и работници,
– Развој на производниот, трговскиот и услужниот сектор во регионот,
– Раст на приходите на жителите на Општината кои се вклучени во производниот, трговскиот и услужниот сектор, и
– Раст на приходите во буџетот на Општината од развојот на производниот, трговскиот и услужниот сектор“.

9. Ноторни лаги за опасни минирања, бучава, прашина и ширење на опасни супстанци што не постојат!

„Тврдат – пишува Наков – дека Валандово бил на 5 км, а Богданци на 7 км оддалеченост од рудникот. Точниот податок е дека Валандово е на 2,4 км, а Богданци на 4,5 км. Тоа што не го кажуваат е дека на оддалеченост од 13 км од рудникот се 26 населени места со 48.000 жители, во најчистиот еколошки регион во Европа. Сите овие населени места од првиот ден на отварањето на рудникот ќе бидат изложени на секојдневни стресови од минирање и 3.000 тони контаминирана прашина со арсен, талиум, кадмиум, антимон на годишно ниво“.

Компанијата „Сардич МЦ“ одговара:

„Изнесените невистинити податоци дека наводно оддалеченоста од Рударскиот комплекс на Валандово е на 2,4 км, на Богданци на 4,5 км., а на 26 населени места на 13 км се сосема неточни, несериозни, но и небитни, затоа што работењето на Рударскиот комплекс Казандол воопшто нема да влијае негативно на животната средина, здравјето и безбедноста на луѓето. Наводите дека сите населени места наводно ќе биле изложени на секојдневни стресови од минирање и на контаминирана прашина се научно недокажани, неосновани и целосно неточни.

Имено, со ниту еден проект на Компанијата не е предвидено секојдневно минирање, затоа што согласно конфигурацијата на теренот и составот на земјата, ниту е потребно толку често, ниту пак минирањето е економски евтино. Многу пати досега е потенцирано дека процесот на ископ на минералната суровина во определени случаи ќе се врши и со помош на минирање на површинскиот коп, коешто е проектирано со примена на нонел технологија која за разлика од конвенционалниот начин на минирање е безшумна и елеминира појава на прашина. Според мерењата извршени од лиценцирана лабораторија во близината на првите куќи на с. Казандол, нивото на бучава при минирање изнесува 52,20 ДБ коешто е далеку под законскиот минимум.

Исто така, неточни и недокажани се наводите за наводно контаминираниот состав на земјата со коишто заедно со претходно дадените наводи само непотребно се вознемирува населението, се изнесуваат невистини во јавноста и без никаква оправдана причина се нарушува реномето на инвеститорот.

Што се однесува до прашината, во Студијата е предвидено постојано отпрашување и супримиење на истата, со што првично се гарантира безбедноста на луѓето кои работат на самиот рудник, така и исправноста на машините, па невкусно е да се пласираат цифри за количини прашина, бидејќи во самиот процес нема мелење на рудата туку само нејзино дробење до фракција од 10-тина сантиметри.

Но, сепак, да се осврнеме и на составот на самата земја. Според геохемискиот атлас на Р. Македонија, содржините на арсенот, талиумот, кадмиумот и антимонот во овие простори се следните: As 15 mg/kg, Cd 0.2-0.32mg/kg, Tl 0.3mg/kg, Sb 0.69-0.9mg/kg и за секој што и малку разбира хемија е јасно дека овие количини се далеку под дозволениот минимум според европските стандарди. Од тука, наводите за зголемување и контаминација со овие елементи се ноторни лаги, од проста причина што не може да се зголеми концентрацијата на некои елементи кои ги нема во просторите каде ќе се врши експлоатацијата на минералните суровини со сосема различен хемиски состав.

10. Рудниците не придонесуваат за развој? Освен во Европа, Шпанија, Финска, Полска, Бугарија… 

„Завршниот збор“ во писмото на Наков е приказна за себе и го пренесуваме во целост:

„Не постои ниту еден рудник во светот, со отворен коп и лужење со цијанид или сулфурна киселина, што придонел за развој на некој регион или држава. Напротив, тоа се опустошени региони, раселени села и градови, сиромашни држави. Развој и богатство има само за газдите на рударските компании. Ги повикуваме новинарите да откријат еден пример во светот каде има развој, благосостојба, зачувана човекова околина, земјоделски регион, покрај оваков вид на рудници. Најдете барем еден пример!
Кој не верува, може лесно да се увери: кликнете на Google било кој од овие термини: open pit mines, heap leaching, environmental effects of gold mining, dirty gold mines, Baja Mare, Mount Pully, нема да верувате од тоа што ќе го откриете. Затоа пораката од 300.000 граѓани од истокот и југот на Македонија е јасна: Рудници во нашите дворови, во нашиот регион нема да отворите. По никоја цена. Не можете да замислите колку ни значи иднината на нашите фамилии, нашите деца, нашите внуци“.

Ова се аргументите на инвестирторот „Сардич МЦ“:

„И овие наводи се ноторна невистина. Општо познато е дека рударството е една од најзначајните индустриски гранки во светски размери и во Република Македонија која опфаќа најмалку 10% од структурата на севкупното индустриско производство и претставува еден од најголемите нето извозници (над 800 милиони долари годишно). Во целокупната домашна рударска индустрија се вработени 13.500 лица, а просечната нето плата во секторот вадење на руди на метал надминува и над 30.000 денари, што е за 25% повисока од просечно исплатената плата во стопанството.

Покрај за државата, рудниците се значајни и за локалниот економски развој, затоа што над 3/4 од износот на концесискиот надоместок што го плаќаат концесионерите е наменет за општините на чијашто територија се врши дејноста. Може да се каже дека функционирањето на одредени општини, па дури и региони во земјава е зависно од функционирањето на рудниците на нивна територија и уплатата на концесискиот надоместок.

Изразот на загриженост преку презентирање на стари комплекси, кои порано имале проблеми, овде воопшто не е соодветен, затоа што прво треба да се провери кога се случувале тие работи и во какви услови. Денес законската регулатива на Европската Унија и секако и на Македонија, рудниците и рударските комплекси ги насочува во еден строго контролиран процес, кој не дозволува ни приближно слични манифестации, туку напротив – Европа и тоа како работи на правилно искористување на своите ресурси со цел да се задржи развојниот елемент на општеството.

Да наброиме само дел од новите комплекси кои се отворени во последниве 10-тина години, на пример во Шпанија и тоа во регионот на Андалузија (земјоделски и вински регион на оваа земја), така и во еколошки најстрогата земја во Европа – Финска. Тоа се рудници коишто ја користат истата технологија на лужење, екстракција и електролиза, како и рударскиот комплекс Казандол:

За крај, тоа што потенцирате дека граѓаните може да се информираат на Гугл со некакви термини, уште еднаш докажува дека со еден прочитан текст на интернет, ширите популизам, го покажувате вашиот аматеризам и покажувате дека немате ниту знаење, ниту кредибилитет да зборувате на тема рударство“.

Наместо заклучок: Помалку гуглање, повеќе наука!

Ете, почитувани читатели, тоа е соочувањето на аргументите на двете страни. Плусинфо има разбирање за реакциите на граѓаните од регионот и сака да придонесе за откривање на вистината за рудникот Казандол. Но, Плусинфо не може да ги поддржи неаргументираните атаци и генерализираните напади не само врз „Сардич МЦ“, туку врз индустријата воопшто. Сметаме дека тоа е несериозен пристап, спротивен на развојот на нашата економија.

Од тие причини, ги повикуваме научниците, експертите од областа, да го кажат своето мислење, но не само за рудникот Казандол. Ги повикуваме да се огласат и другите рудници и да ги кажат своите аргументи. И тие се на удар. Веруваме дека сѐ не е идеално, но секако дека многу нешта можат да се подобрат. Како што напредуваме кон Европа, ние треба да се бориме не за запирање на индустријата, туку за високи технолошки и еколошки стандарди. Со еден збор, во овој момент ни треба помалку гуглање, а многу повеќе наука, истражувања и студии!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...