Не палете стрништа, орајте и садете! (ВИДЕО)

Оваа кампања која ќе го опфати целиот Скопскиот плански регион, годинава е поддржана од „Халкбанк“, чие вклучување е резултат на посветеноста на банката на активности насочени кон подобрување на животната околина.

166

Градот Скопје и годинава ќе организира бесплатно собирање на остатоците од берба за да се спречи палењето на стрништата, а со тоа да се заштити воздухот од загадување. Оваа кампања која ќе го опфати целиот Скопски плански регион, годинава е поддржана од „Халкбанк“, чие вклучување е резултат на посветеноста на банката на активности насочени кон подобрување на животната околина.

– Минатата година оваа кампања за првпат беше организирана од Град Скопје со поддршка од УНДП и МДЦ-Ти.нет и со гордост можам да кажам дека постигнавме одлични резултати. Тоа нѐ охрабри кампањата да ја повториме и оваа година и да ја прошириме на повеќе нивоа – рече градоначлникот Петре Шилегов.

Лани над 120 жители на Скопје побарале отпадот од нивната берба да биде бесплатно подигнат, при што било спречено палењето на 700 кубни метри органски отпад. Од оваа година, покрај бесплатното подигање на органскиот отпад, како дополнителна мотивација на граѓаните ќе им биде понудено на оние кои ќе ја искористат оваа поволност, во сезоната на садење да добие околу 30 килограми органско ѓубриво на секои 100 килограми отпад.

– Како што најавивме лани, и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство годинава се вклучи во делот на планирањето на периодите кога се врши бербата на различните земјоделски култури, за што сме особено благодарни како институција. Во таа насока овој месец беше одбран како најповолен за пролетен старт на оваа кампања. Сакам да упатам благодарност и до „Халкбанк“ која годинава се вклучи со поддршка на промотивните активности на оваа кампања – нагласи Шилегов.

„Халкбанк“ како еко ориентирана компанија која низ годините применува и поддржува бројни еко политики и проекти, со задоволство ја дава својата поддршка кон проактивноста на институциите за реализација на активности кои имаат за цел подобрување на квалитетот на воздухот и воопшто, на квалитетот на животната средина.

Како резултат на ориентираноста кон еколошките проблеми, „Халкбанк“ неодамна лансираше и мобилна апликација HalkEco со која банката директно придонесува за почиста животна околина а и влијае на формирање здрави навики и на подигање на еко свеста како индивидуална одговорност за животната средина. Благодарение на ХалкЕко и нејзините корисници, банката има засадено над 6.000 дрвја во државата и забележува намалување на CO2 за 23.370 кг.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, ги повика и останатите општини да се приклучат кон ваквата иницијатива.

– Ние, како Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе најдеме модел да се приклучиме и да придонесеме во подигнувањето на јавната свест за штетноста од палењето на стрништата. Упатувам апел до земјоделците од целата држава да не ги палат стрништата и сувите остатоци по дворовите, за да се даде максимален национален придонес кон намалување на загаденоста на воздухот и заканите од пожари. Земјоделците од скопскиот плански регион, ги повикувам да продолжат да се јавуваат во Градот Скопје за бесплатно собирање на стрништата – рече Димковски.

Претставникот на невладината огранизација МДЦ-Ти.нет, д-р Џефри Ли рече дека од оваа година ќе ја прошируваат програмата за да има влијание на поголема површина од градот и на поголем број луѓе. Овој проект годинава ќе опфати и компостирање на собраниот материјал во објект во сопственост на Градот Скопје. Компостирањето на остатоците од берба има повеќе придобивки за животната средина, за самото земјоделско производство и за спречување на загадувањето. Една значителна придобивка годинава ќе биде поврзана со квалитетот на воздухот во околината на Скопје.

Годинешната кампања е со мотото „Не загадувај, орај и посадувај“, додека пак сите заинтересирани земјоделци можат да се јават на бројот 071 395-395 за нивните остатоци од бербата бесплатно да бидат подигнати од екипите на Град Скопје.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...