Мултимедијална изложба на Илина Арсова во НЛБ Галерија

235

Уметницата Илина Арсова вечер во изложбениот простор на НЛБ Галеријата, ќе се претстави пред домашната публика со самостојна изложба – дела од циклусот WHITE.

Делата се производ од двонеделниот престој на Антарктикот и искачувањето на врвот Винсон, како последен чекор од предизвикот седум врвови на седум континенти, на кој паралелно со уметноста е посветена Илина во последните девет години.

WHITE е комбинација од слики, скици, цртежи, но и мултимедијална практика преку фотографија и видео арт од неколкугодишна изведба на перформансот ZERO. Насловот доаѓа од една поинаква реалност доживеана со последната експедиција на јужниот пол, каде што доминира белината и студенилото во пејзажот. Како што вели уметницата, да се доживее свет без бои е вистински предизвик и тогаш ги откриваме боите на белината.

– Како дипломиран ликовен уметник-сликар, веќе подолго време ме воодушевува пејзажот и истиот преку разни форми го прикажувам во ликовното дело. Бојата и широката палета често биле дел од моето сликарство сѐ до крајот на 2017-та кога почнав да го растеретувам колоритот на сметка на цртежот. Кај последните дела доаѓа до обратен сликарски процес од слика кон скица, како финален приказ, вели Арсова.

Поставката ќе опфати и неколку постари цртежи и слики кои се премин од „Дневникот на моите височини“ (2017-2019) кон новосоздадените дела, како и сликата „7 врвови“, работена паралелно со искачувањата кои Илина Арсова ги реализира во последните пет години.

Изложбата ќе биде отворена за посетителите до 20 март, секој работен ден, од 8 до 16 часот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...