Донесовме одлука да се отстрани една од галиите која се наоѓа во реката Вардар, соопшти скопскиот градоначалник Петре Шилегов на денешната прес-конференција и објасни дека станува збор за галијата која е поставена веднаш до мостот на кој требаше да се наоѓа Панорамското тркало.
– Донесена е одлука за дислокација на една од галиите во коритото на реката Вардар. Истата ќе биде на сметка на закупецот тоа ќе го чини околу 6 милиони евра. На ваков начин ќе направиме заштеда во општинската каса, но и во државниот буџет. Доколку не го стори тоа, дислокацијата ќе ја изврши Град Скопје – рече Шилегов.
Сопственик на галијата е Ниче Димовски Македон, а рокот за отстранување е 30 дена. Според планот, таа би требало да биде тргната од коритото на Вардар најдоцна до 10 април годинава.
Останатите две галии имаат договор за работа до 2035 година – бродот хотел „Воденица“, односно до 2027 година бродот „Среќа“ кај Холидеј ин. Градоначалникот Шилегов денес најави дека се работи на тоа и овие две галии да се отстранат од Вардар.
Ова е втора активност на остранување на објект од проектот „Скопје 2014“, по онаа пред две години на споменикот на Андон Јанев Ќосето пред Врховниот суд.