Еленко Миланов: Нинџа ниту ги видел, ниту ги слушнал Спиро и Миле

764

Трајко Вељаноски, поранешен претседател на Собранието, поранешните министри Спире Ристовски и Миле Јанакиески, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, обвинети дека со умисла организирале упад и тешки насилства и повреди на пратеници на 27 април 2017 година, за да го спречат мирното примопредавање на власта, денеска во Кривичниот суд во Скопје даваат воведни зборови.

Пред судечкиот совет со кој претседава судијата Илија Трпков, се обрати бранителот на тројца од обвинетите Еленко Миланов.

– Во текот на судскиот процес ќе докажеме дека Трајко Вељаноски не само што не го сторил предметното кривично дело, туку дека не сторил какво било друго кривично дело. Ниту Миле Јанакиески, ниту Спиро Ристески давале насоки на лицата што биле организирани и координирани, ниту постои вибер комуникација за такво нешто. Ќе докажеме дека од 27 март до 27 април кога постои парламентарно мнозинство не потикнувале, ниту контактирале со претставници на месните или градските комитети. Ниту Спиро, ниту Миле немаат комуникација, ниту ги познаваат, ниту имаат телефонски броеви од посочените лица. Ќе докажеме дека не постоел организиран превоз од страна на Миле или Спиро за време на протестите – рече Еленко Миланов.

Тој е бранител на Вељаноски, Јанакиески и Ристовски во судскиот процес за организаторите на 27 април во своите воведни зборови.

– На 27 април во 18.57 часот, Александар Василевски Нинџа се наоѓа на базната станица Дом на АРМ, а тој тврди дека ги слушнал Миле и Спиро како ги организираат протестите. Тој не се ни наоѓа во близина на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Не постојат ни најмали основи за сомнение за делата што им се ставаат на товар, а не, пак, да се сметаат за докази во судскиот процес – рече Миланов.

Според него, општиот опис за делото на двајца обвинети со посочување градски и месни комитети од страна на обвинителството, без укажување на локациски комитет, предизвика овие обвинети да достават листа на докази со претставници на градските комитети на Град Скопје, општинските и месните комитети за да докажат дека ниту Миле Јанакиески ниту Спиро Ристовски организирале и давале насоки.

– Ќе докажеме дека не постои вибер-комуникација на овие двајца со лицата кои наводно се организирани и координирани. Пораката „Сите членови доаѓајте, сега е момент“, ја нема во комуникацијата, ниту на Миле ниту на Спиро. Станува збор за комуникација помеѓу лица кои ниту Миле ниту Спиро ги познаваат, немаат нивни телефонски броеви – рече бранителот Миланов.

По ова, воведни зборови даде и обвинетиот Трајко Вељаноски, кој рече дека обвинителството го затворило обвинението без негов исказ.

– Смешно е делото терористичко загрозување на уставниот поредок за кое сум обвинет – рече Вељаноски и обвини дека станува збор за политички прогон, а дека обвинителството нема никакви докази за делото тероризам.

Тој рече дека во текот на доказната постапка, ова обвинителство, а и СЈО, биле само коцка во мозаикот за остварување политички цели.

– Ќе докажам со материјални докази дека јас до 17 март немав барање за конститутивната седница. Откако на 17 март ми беше доставено такво барање јас веднаш закажав подготвителни состаноци. Тоа ќе го докажам со факти. Ќе докажам дека од 30 декември до 17 март немало никаква основа за одржување на конститутивна седница. Потоа на сите состаноци предлагав пратениците да се откажат од реплики, од говорење за да преминеме на четвртата точка, избор на претседател на Собранието – рече Вељаноски во својот воведен говор за судењето на организаторите на упадот во Собранието на 27 април 2017 година.

Тој во детали повикувајќи се на членови на собранискиот Деловник објасни пред судечкиот совет зашто смета дека овој судски процес е политички прогон.

– Ќе докажам дека по прес-конференцијата на Зоран Заев испратив порака и до Никола Груевски, а од него добив порака препратена од Панче Кралев – додаде Вељаноски но објасни дека тие пораки не влијаеле на текот на собраниската седница.

Судењето е во тек.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...