Мицкоски ќе оди на лидерската за коронавирусот, за изборите допрва ќе се носат заклучоци

995

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христујан Мицкоски потврди дека ќе учествува на лидерската средба која техничкиот премиер Оливер Спасовски ја закажа за в четврток, а на која ќе се разговара за ситуацијата со коронавирусот и претстојните избори. Спасовски за Плусинфо потврди дека планира лидерска за коронавирусот.

– Имаме лидерска средба закажана в четврток, да разговараме за ова што денес е реалност односно за КОВИД-19, па дури потоа ќе можеме да носиме заклучоци што и како -рече Мицкоски.

Тој не прецизира дали ќе дозволат да се одложи одржувањето на изборите, ако до тоа дојде поради ситуацијата со коронавирусот.

Мицкоски рече дека утре ќе ја одржат конвенцијата на која ќе бидат промовирани кандидатите за пратеници, бидејќи на настанот ќе присуствуваат помалку од 1.000 луѓе.

– Двата настани се со вкупна бројка помалку од 1.000 луѓе. Сите треба да придонесеме во справувањето и превентивата за ова што денес ни се случува.ВМРО-ДПМНЕ предлага превентивни мерки. На министерот останува дали ќе ги прифати или ќе се случува тоа што се случува. Она што е важно е да се сочува разумот и трпението. да не дозволиме сето ова да ескалира, да не се создава паника помеѓу граѓаните, бидејќи имало и потешки моменти. Јас верувам во институциите, верувам во здравствените работници дека ќе се справат со овој предизвик – рече Мицкоски.

На средбата  присуство потврдиле лидерите и плус уште еден претставник на партиите СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, БЕСА, ДПА, Алијанса и Алтернатива.

Од Владата на брифинг со медиумите порачаа дека сега никој не треба да профитира политички.

– Врв на неодговорност е да разговарате со министер за здравство и за еден час да му поднесувате кривична пријава дека го загрозува здравјето на луѓето е политика што сакаат да ја пласираат. Во овие услови на ваква криза секој оној кој ќе калкулира за политика, за политички поени, за сензационализам и за што било на грбот на граѓаните и нивното здравје, некој да гради своја среќа на туѓа несреќа е осудено на пропаст – истакнуваат од Владата.

Предвремените парламентарни избори се закажани за 12 април, а почетокот на изборната кампања е на 23 март.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...