Награда од 500.000 евра ќе им додели Владата на ракометарите на Вардар за освојувањето на Лигата на шампиони, а дополнителни 100.000 евра ќе додели и Агенцијата за млади и спорт, објави на својот Фејсбук профил премиерот Зоран Заев по денешната средба со европските шампиони.
„Добредојде за Вардар, за играчите и за управата, во Владата. Ви честитам за титулата европски шампион. Ви благодарам за среќата и радоста кои ни ги приредивте. Вие сте шампиони на нашите срца! Среќни сме што постои клубот и сакаме да опстане. Затоа, ќе предложам на седница на Влада да доделиме 500.000 евра како награда за постигнатиот успех, а дополнителни 100.000 евра ќе додели и Агенцијата за млади и спорт“, напиша Заев на Фејсбук.
Премиерот најави дека веднаш, уште од денеска, ќе се посветат на мерките за стабилност на клубот на исто ниво на кое е сега, но и за развој и успешна иднина понатаму.
„Ќе се посветиме да изнајдеме начин за натамошната работа преку законски решенија и со помош на државните институции. Вие им носите радост на граѓаните, а државата ќе возврати со влог во иднината на македонскиот ракомет и македонскиот спорт“, напиша премиерот Заев на Фејсбук.
Ракометарите на Вардар денеска беа на средби и кај претседателот Стево Пендаровски и кај градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.