Претседателот на СДСМ, Зоран Заев ги откажа сите активности во наредните денови, а откажани се и сите настани од партиската агенда со цел да се превенира ширење на коронавирусот.
– Иако денеска беа закажани средби на претседателот Зоран Заев со неколку стопански комори, а утре и задутре беа предвидени партиски настани во повеќе граѓани, политичкото раководство на СДСМ одлучи да се откажат настаните, бидејќи нема поголема вредност од јавното здравје – рече генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски на денешата прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање.
Николовски на прес-конференцијата ги објасни петте столба на програмата на СДСМ, за повисоки плати, развој, напредок на државата.
Тој посочи дека на младите им нудат зелена, еколошка, дигитализирана и иновативна држава за достоен живот.
– Градиме систем во кој трудот на работниците се вреднува и плаќа. Работници со поголеми плати. Плата од која останува за живот. Сакаме држава во која младите остануваат и напредуваат тука. Ако можевме за две и пол години да ја извадиме земјата од финансиски колапс и да обезбедиме највисок раст на платите до сега, сигурни сме дека во следниот мандат можеме уште повеќе и уште подобро – рече Николовски.
Економијата, как што посочи, останува наш врвен приоритет во следниот мандат.
– Сто илјади нови работни места и голем раст на сите плати! Тоа е нашиот прв и носечки столб на Програмата. Ако за само две и пол години успеавме да отвориме над 67.000 конкретни, видливи нови работни места, можеме во следниот мандат да отвориме 100.000 работни места – рече Николовски.
Тоа, како што додаде, ќе придонесе стапката на невработеност да падне уште повеќе.
– Ако денеска тој процент е 16,6 проценти. Наша заложба, точно мерлива е до 2024 да се намали двојно повеќе, односно до крајот на следниот мандат ќе имаме стапка на невработеност од 8 отсто. Платите продолжуваат да растат. Сите плати. За да има повисок животен стандард и повеќе пари во секое семејство, кај сите граѓани – истакна Николовски.
Тој најави дека до 2024 ќе обезбедат бесплатна „зелена“ нафта за сите земјоделци.
– Односно „зелената“ нафта како една од најуспешните мерки во земјоделството, којашто сега е 30%, до крајот на следниот мандат ќе биде целосно бесплатна.Двојно повеќе пари за поврат на персоналниот данок за земјоделците! Ќе изградиме 260 км автопати. 300 км експресни патишта. 950 км локални патишта. Рехабилитации на 1.500 км постоечки патни правци – рече Николовски.
Тој рече дека следува темелно и целосно прочистување на правосудството и дека судиите кои застаруваат предмети ќе бидат разрешени по автоматизам на Закон.
– Започнува детална проверка на имотната состојба на сите судии и обвинители.Ќе се врши темелна ревизија на 5% од сите судски пресуди во последните 5 години, по случаен избор. Ако за две и пол години донесовме правичност, ќе донесеме сега правда и одговорност за сите – рече Николовски.
– Започнуваме преговори со ЕУ, ја европеизираме Северна Македонија и го трансформираме општеството уште подобро. До крајот на мандатот, до 2024 ќе ги отвориме 80% од поглавјата за интеграција во ЕУ. Точно и прецизно.Преку преговорите отвораме пристап до европските фондови и обезбедуваме 2 милијарди евра за Северна Македонија. Тоа носат нашите политики на интеграција – додаде Николовски.
Toj посочи дека ќе има строга контрола и високи казни за загадувачите и дека тоа е врвен приоритет во новиот мандат.
– Комунална полиција во секоја општина и 24-часовен надзор врз инспекциските служби.Тројно повеќе еко инспектори. Тројно повисоки казни за фабриките кои немаат еко филтри. Двојно повисоки казни за граѓаните кои загадуваат на законски недозволив начин – рече Николовски.
Ова, како што истакна меѓу другото Николовски, се петте столба на Програмата кои заедно со персоналните решенија на кандидатските листи ќе донесат нова чиста победа и продолжување на напредокот уште повеќе и уште подобро.