Специјалното јавно обвинителство за Плусинфо потврдува дека поднело жалба до Апелацискиот суд во која предлага ефективна затворска казна за новинарката Ивона Талевска. СЈО се жали на пресудата на Талевска во случајот „Тифани“ во кој обвинетата доби условна казна затвор за затајување данок
Освен затворска казна СЈО предлага и повисока паричната казна за Талевска, како и за нејзината фирма.
Уредничката на ТВ Сител, Ивона Талевска беше осудена на условна казна затвор од две години.
Според пресудата таа требаше да врати речиси 60 илјади евра. Случајот „Тифани“ се однесува на кривично дело што траело од 2008 до 2014 година, при што Талевска како управителка на друштвото за консалтинг „Смарт ДООЕЛ“ и на „Смарт груп ДООЕЛ Скопје“ од 2008 – 2014 година одбегнала да плати даноци, а во завршните сметки давала лажни податоци.
Според тогашната одлука на Основниот суд Скопје 1 Талевска не треба да помине две години во затвор доколку во наредните четири не стори ново кривично дело.
Судијката Софија Лаличиќ изјави дека наместо ефективна казна затвор судот се одлучил за алтернативна мерка, условна осуда поради нејзиното добро поведение и фактот што Талевска признала вина за даночното затајување.