Слепите кучиња во политиката

Со оглед на тоа што претстои договарање на компромис за името со Грција, треба да сме подготвени и за поболни настани од овој што го преживуваме во мигов.

3346

Веќе нема сомневање дека е во тек големо проветрување на македонската држава. Прашање е само колку граѓаните се информирани и подготвени да го разберат и прифатат тоа. За жал, и нашите политичари, било од власта или опозицијата, не знаат какви ќе бидат последиците од оваа хазардна игра со нервниот систем на државата. Затоа дотураат масло во огнот.

Ниту може да се предвиди кој ќе се радува на крајот од приказната: дали поддржувачите на овој голем пресврт или противниците. Или пак никој, сите ќе завршат како губитници. Зарем нашиот познат и фален уметник Љубиша Георгиевски ќе напишеше дека таков како Никола Груевски се раѓа на секои илјада години, да знаеше колку ретрограден и штетен ќе испадне неговиот херој?

И на прескапата антиквизација, која не само што го криминализира нашето општество, туку и драматично го исподели и уназади. 57 години од својот живот посветив во издавање книги и весници на македонски јазик, можам да го тврдам следното: до осамостојувањето во 1991 година ние имавме над 150 илјади авторски публикации од науките и уметностите, од кои само десетина поврзани со антиката. Дури и онаа мала група политички емигранти околу Драган Богдановски воопшто не беше опседната со оваа морска тема. Кој ли му советуваше на Груевски да забега во тој правец и да си ја зацрни иднината?

Пожелно е да се биде претпазлив кога се учествува во кампањата за некого или против некого, особено во држава без демократска традиција, во која политичарите бескрупулозно го лажат гласачкото тело само за да ја освојат власта. И потоа си купуваат убаво мислење за себе до својата политичка смрт.

Со оглед на тоа што претстои договарање на компромис за името со Грција, треба да сме подготвени и за поболни настани од овој што го преживуваме во мигов. Доколку научиме што е свето, а што е проклето, ниту ќе правиме драматични пресврти за инфаркт, ниту ќе сееме клетви по семејствата на нашите политички лидери или по нивните послушници.

И во актуелниов миг треба да се бара разумен излез. Заев е тој што мора да реагира на заканите дека Македонија или ќе биде двонационална држава или ќе ја нема. Тоа се коси со неговата мисла за едно општество, затоа што произведува две општества. На Балканот видовме што значи тоа. Само уште Босна е со две, односно три општества. Ако Заев дозволи да биде уценет човек, со гаранција ќе го дуплира гласачкото тело во прилог на опозициската партија. Тоа ќе оценува што е помалку црно од црното и соодветно ќе казнува, односно наградува.

Најголем хендикеп на Заев е тоа што ја нема поддршката од мнозинството пратеници Македонци (Бадинтер) кои ги претставуваат своите гласачи. Исто така Заев не би смеел да се оддалечи од својата магична идеја за граѓанското општество, при што сите благодети ќе ги ужива поединецот, а не етничката заедница. Доколку се оддалечи, тој ќе мора да јаде живи луѓе за да се одржи на власт, односно ќе мора да ја спроведе во дело целата Тиранска платформа, затоа што тоа ќе му биде гласачкото тело.

Интересни осцилации се случуваат во дијаспората во врска со неговиот рејтинг. Иако претходната власт фабрикуваше многу кампањи против него, во еден период откако стана премиер, тој уживаше поголема доверба од Груевски. Но, деновиве, кога прашав еден новинар каков е рејтингот на Заев, ми одговори: „За жал, нула. Тој брза кон својата провалија“.

Под дијаспора јас не ги есапам оние стотина активисти на Груевски и Мијалков, туку импресивна бројка од околу половина милион трудољубиви наши луѓе кои си доаѓаат во родниот крај на секои четири години во просек, и како пчели оставаат дел од нектарот за потоа тивко да се вратат на своите работни места. Тие не само што си ја помагаат татковината, туку ја боледуваат довека. Па иако можеби во мигов нема политичка тежина нивното мислење, од посебна важност е да не биде заборавено.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...