Распишана потерница за купувач на „она на М“

Да немаше ваква дискриминација, можеби Груевски ќе решеше, како реванш, за Осми март да ѝ купи на Јанкулоска некој подарок на М. За да можат да се провозат до судот каде на 12-ти има рочиште за „Тенк“.

1801

Паралелно со барањето решение за спорот што го има Грција со „ова на М“, македонската влада се обидува конечно да го реши проблемот со „она на М“. Вториов процес го турка сама (без притисок од канцеларката на М), што не мора да значи дека е полесен или помалку важен. Напротив, секоја работа за која што ќе се зафати Владата е или станува тешка и многу поважна отколку што навистина е. Лесно може да се претпостави дека така ќе биде и со оваа што сака да ја заврши со јавно наддавање преку објава за „продажба на движна ствар – патничко моторно возило, сопственост на Република Македонија“.

Погодувате, станува збор за легендарниот, поточно блиндираниот „мерцедес-бенц С 600“, што за налудничавите потреби на поранешниот премиер Никола Груевски пред пет години го набави министерката за внатрешни Гордана Јанкулоска за околу 600.000 евра (наши пари). За зделката (тајно, рекордно наддавање) сега се обвинети од СЈО во предметот наречен „Тенк“. Продажбата на „патничкото возило“ ќе оди многу потешко отколку неговото купување: цената е намалена за околу 400.000 евра (наши пари), ама условите во огласот ја прават оваа ствар речиси неподвижна. Кај ќе најдеш во Македонија некој што е деловно способен, а да нема пресуда за учество во злосторничка организација, за корупција, за измама, за перење пари, некој што ги има платено сите даноци и придонеси кон државата и да е способен да плати 200.000 евра (негови пари) за патничко возило?

На 7 март е предвидено разгледување на возилото, а на 12-ти завршува огласот. Да немаше ваква дискриминација, можеби Груевски ќе решеше, како реванш, за Осми март да ѝ купи на Јанкулоска некој подарок на М. За да можат да се провозат до судот каде што на 12-ти има рочиште за „Тенк“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...