ПИСМА ОД ЛОНДОН За независноста од зависност

Се откажав откако размислував некое време дека треба да се откажам. Дека ми пречи да мирисам на цигари и да ми мириса и косата и гардеробата и телото. Пушењето е зависност. А мене срам ми беше да бидам зависна.

876

Една правоаголна маса, околу наредено столови, на масата и меѓу столиците – пепелници. Нешто како клима-уред, да го крева и проветрува мирисот на пушачкиот очај надвор од собата за пушење, зашто тука се собиравме откако ни забранија да пушиме по канцеларии. Беше како да бдееме, божемепрости, за некој починат – можеби за слободата за пушење кога сакаш, каде сакаш и колку сакаш. А и атмосферата беше таква. Луѓето зборуваа тивко или воопшто не зборуваа. Доаѓаа, ќе испушеа по една, имаше такви и по две (за да им „трае“) и си заминуваа. Зашто, да бидам искрена, во собата немаше некоја атмосфера. Главно, луѓето си носеа кафе со себе, макар што имаше и некои (никогаш не можев да ги разберам) кои носеа храна со себе во пушачката соба – сендвич, ручек од дома, ќе извадеа пластични контејнерчиња и ќе каснеа нешто срамежливо, па мирисот на цигарите и тутунот од разни делови на светот ќе се измешаше со храна донесена од разни делови на светот.

А тоа, ко за беља, беше неполна година по моето доаѓање од Скопје во Лондон, каде што новинарскиот пушачки стаж го имав утврдено и апсолвирано со две цигари истовремено запалени во пепелникот во канцеларијата во „Нова Македонија“, а третата чади во рака, додека гледам во белиот лист хартија. Зашто само што дојдов во Лондон во Би-би-си, кога падна одлука – нема пушење во канцеларии! Пих, ама среќа сум имала…

Сеќавања за пепелници

Моите колеги од другите редакции раскажуваа како и колку цигари пушеле кога работеле утринска смена на вести, колку ноќна, колку за време на викенд, покажувајќи ги пепелниците со различни форми и големини донесени од сите страни на светот. А ние, новите пушачи, можевме само да ги слушаме со завист, небаре за подвизи зборуваат. Толку знаевме, кутрите…

Но да се вратиме на мојата реалност. Откако не помогна тоа што скришум пушев сама во канцеларија при утринска смена и провертував и прскав спрејови и во воздух и во уста, морав да се предадам, да признаам пораз и да се префрлам во „пушачката соба“. „Потпомогната“ од една колешка која како инспектор ќе влезеше сабајле, ќе го помирисаше воздухот и ќе кажеше: „Жанета, ти пак си пушела“… Знам, таа доброто ми го мислела сето време, а јас пак мислев дека оди по канцеларии и шпионира.
Се сменија работите и во кафеаните и во рестораните во Лондон. Воведоа пушачки и непушачки дел, што беше смешно, зашто деловите не беа вештачки одвоени, пушачите не пушеа „во себе“, сета просторија мирисаше, чадот беше недисциплиниран па мирисавме и пушевме сите заедно и резултатот на овој неуспешен експеримент беше што пушењето во затворени простории – се забрани.

На работа, откако ги затворија „пушачките соби“, дозволија да се пуши надвор, прво во дворот. Што и не беше така лошо. Пушачите беа, без исклучок, најинформираните луѓе на работа. Гледаа кој кога доаѓа, кој кога излегува и во кој дел од компанијата оди и колку пати оди, попатно „субјектот“ беше потпрашуван/испрашуван/распрашуван и пушачите беа сопственици на најголем број корисни и сосема бескорисни информации, кои ја правеа интересната работа уште поинтересна. И тоа траеше сè додека „началството“ не реши пушачите да се протераат надвор, пред вратите, во согласност со сите други објекти во Лондон. Па пушевме надвор, на студ, и да врне и да вее, а богами и бура да коси. Беа фини. Ставија еден пепелник. И знак дека ако фрлиш отпушок од цигара, казната е 60 фунти.

Казни за отпушоци

Бројот на пушачи во Англија падна на најниското ниво во последните 50 години и сега според официјалните бројки пуши само еден од шестмина возрасни, а продажбата на цигари и натаму е во опаѓање. Само 16 отсто од возрасните во Англија пушат. Сè повеќе се префрлаат на електронски цигари, а со никотински гуми за џвакање и лепенки само минатата година половина милион луѓе се откажале од оваа навика! Само нешто над 7 милиони во Англија пушат. Бројката во Шкотска е повисока. Но и тука се намалува. Здравствените работници велат дека популарноста на пушењето продолжува да опаѓа поради комбинација на тврди мерки – зголемување на цената на цигарите („марлборо лајтс“ е околу 10 фунти кутија), неатрактивни пакувања и масовна медиумска кампања за штетноста од пушењето. Рекламирањето е забрането, а цигарите во продавниците не се на видно место, не се гледаат и мора да побарате ако сакате да ги купите.

Ама има реклами на кои се покажуваа луѓе како одвај дишат и влечкаат боци со кислород со себе. И научни програми со кои сликовито во кажуваат што се случува со телото на пушачите. Како се блокираат артериите и крвните садови. Што прави никотинот и какви се хемикалии има во цигарите. Како изгледаат белите дробови на пушачите.

Плус, мајка ми со години ми праќаше исечоци од весници каде што имаше совети како да се откажете од пушењето, а секој телефонски разговор или почнуваше или завршуваше со прашањето: „Уште пушиш?“.

И така, решив да се откажам. Се откажав откако размислував некое време дека треба да се откажам. Размислував дека сум станала зависник. Дека мирисот е неубав. Дека ми пречи дома да ми мириса на трафика. Дека ми пречи да мирисам на цигари и да ми мириса и косата и гардеробата и телото. Кој што сака нека каже, мирисот е неубав. Пушењето е зависност. А мене срам ми беше да бидам зависна. Па решив да не бидам. Мојот законит се солидаризира со мене, па се префрли на цигарилоси и кохиби, од време на време. Уште ми се допаѓа мирисот на квалитетен тутун, ама сега го сакам главно во парфемите.

Не велам дека беше лесно, раката со недели ми тргнуваше несвесно накај масата каде што порано беа цигарите и запалката. Ама за релативно кусо време почнав да заборавам на цигарите, зашто никој околу не пушеше.

П.С. Освен кога ќе дојдам во Скопје. Тогаш, сакам, нејќам, пушам. Пасивно. Сите пушат. И тие што не пушат, пушат. А јас се трудам да не критикувам премногу, за да не ме обвинат дека сум сум станала поголем католик од папата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...