Интелектуалец во политиката

119

Отсекогаш се дискутирало за интелектуалците во политиката. Уште од времето кога Доситеј влезе во Караѓорѓевата „партија“, а куциот Вук во „партијата“ на коџа Милош, умните глави размислувале дали да се фатат во ѓаволското оро на политиката или да останат на каучот, пушеќи си тутун. Па тие умните глави кои останаа на каучите ги оценуваа оние другите умни глави кои се фатија во ѓаволското оро на политиката. Повеќето од тие дискусии и оцени беа јалови, и само понекоја ја погодувала целта, бидејќи за овие работи и не се расправа, туку времето убаво ги покажува сите резултати – тоа си, тоа не си, ова си можел, а не си сакал, ова си сакал, а не си можел да го направиш. Повеќето од овие расправи почивале и понатаму се темелат на погрешни претпоставки, пишува Невен Цветичанин во Политика.

Најважната од нив е дека интелектуалецот е некој марсовец, суштество од друга планета кое владее со езотерични знаења и кое е над сиромашните обични луѓе затоа што е толку добро поткован во оние умни и параумни вештини во кои обичните луѓе не се. Но, интелектуалецот е (без разлика што многу од „интелектуалците“ мислат за себе), само обичен човек, ниту подобар ниту полош од другите луѓе. Оттаму – како што постојат добри и лоши луѓе, доследни и недоследни, денгуби и работливи пчели, така има и интелектуалци кои повеќе вредат и тие кои помалку вредат, гледано чисто од човечката страна на некој архетипски универзален морал, кој бил во сила во сите времиња и кој дури и најобразованиот човек добро го чувствува и оценува.

Значи, за да оцениме некој интелектуалец, како и секој „обичен“ човек, поважен е карактерот од бројот на прочитаните книги. Имало и ќе има генијалци со лош карактер, како што имало и ќе има едноставни луѓе со добар карактер. Значи, кога ги оценуваме „интелектуалците во политиката“ не го оценуваме „интелектуалецот“ (како марсовец и езотерично битие), туку едноставно го оценуваме човекот.

Оттука, со интелектуалците во политиката е како и со сите други луѓе – некои ни се допаѓаат, некои не ни се допаѓаат. Но сепак, од памтивек постојат некои заеднички карактеристики на луѓето кои ги „вариме“ од оние кои малку послабо ги вариме, без оглед на тоа дали се интелектуалци или не, дали се во политиката или одгледуваат градина. Од секогаш, мерката за оценката на човековиот карактер е пред сè – што е подготвен да жртвува за тоа во што верува. Тој кој не е подготвен да жртвува ништо, всушност и не верува во ништо, па и неговите резултати се ништовни.

Првите христијани не биле политичари или интелектуалци, ама ја срушиле Римската империја бидејќи имале нешто (некој) во што верувале и затоа што се однесувале во склад со она во што верувале. Еве и денес христијаните и сите нивни (наши) цркви се ретки институции кои траат илјадници години, додека пропаѓале царства, се рушеле држави и се уривале големи диктатори. Но, не е поинаку ниту со останатите кои оставиле трага во времето. И Мухамед и неговата првично мала дружина трпеле секакви видови на јадови додека конечно не ги убедиле дивите арапски племиња дека е подобро да живеат уредено, отколку диво, а во тоа успеале само затоа што живееле на начин како што проповедале.

И во политиката и политичарите, без оглед што некому оваа теза може да му се види апсурдна, е исто како и со овие архетипски пророци и законодавци. Едноставно кажано, луѓето гледаат што работиш, како се однесуваш, што жртвуваш за своите идеи, дали си кукавица, дали си храбар, дали воопшто живееш во согласност со она што го „проповедаш“. Министерот за култура на Де Гол, необичниот писател Андре Малро, пред да седне во фотељата, со него се борел во Движењето на отпорот во текот на Втората светска војна. Де Гол и Малро своите ставови ги осведочиле со примери. Затоа, првиот останува архетип на модерен државник, а вториот (покрај бурната, многу необична и понекогаш контрадикторна биографија) архетип за чесен интелектуалец, и двајцата не барајќи ништо од својата држава, а давајќи и сè.

И тука доаѓаме до суштината на приказната за интелектуалците (и не само за нив) во политиката, кај нас и насекаде. Визиите и идеите се убава работа, но треба да бидат осведочени со конкретни дела и начин на однесување.

(Невен Цветичанин е научен соработник во Институтот за општествени науки во Белград.)

Подготви: А.Ј.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...