Каква власт – таков народ

162

Тоа што треба да се промени е секогаш власта. Стадото оди по водачот, а и рибата смрди од главата.

На прагот на поранешни претседателски избори во Русија, Андреј Кончаловски на својот блог објави прилично долг напис на една стара тема за тоа како Русија, поради мрачниот карактер на народот собран под нејзината закрила, сѐ уште не е подготвена за демократија. „Руското општество не е подготвено за таква сериозна трансформација, тоа не е подготвено за демократија” – пишува тој.

Понатаму следат цитати од Салавјов, Струјев, Кључевски, Плеханов, за тоа дека „настојувањето на поединецот да ја развива својата сопствена „валидност и совесна работливост” се одлика на човекот од западното општество, кое е базирано на индивидуализмот”, а дека во свеста на рускиот човек, кој излегол од тесноградата селска заедница „поединецот безмилосно се гуши”, и затоа тој е „неодговорен и постојано наклонет на паразитизам”, пишува руската новинарка Јулија Латињина во Ежедневни Журнал, а пренесува Пешќаник.

И јас сум песимист по природа, ама не сум демотиватор. Една работа е да се гледа на светот преку нешто потемни очила, а друго е да се убедуваат сите останати да ги користат истите затемнети стакла. Јас не сакам да ги обесхрабрувам луѓето. Не се бавам со таква работа.

И затоа, секогаш кога ќе ја слушнам таа длабокоумна реченица со која се повикува на старите времиња „уште од кнез Игор“, за тоа како рускиот народ е единствен народ на светот, кој е, ете јаден, до тој степен осакатен што не е погоден за демократија, мене веднаш ми доаѓа на ум следното прашање: а што можеме ние да направиме, така јадни и неуки, за тоа прашање? Како толку осакатени да се подготвиме за таа – како се вика – демократија?

Во една прилика разговарав со грузискиот опозиционер Дато Уџапашвили. Иако тој во Грузија се смета за еден од најумерените и најразумни противници на владата, единствено со што се занимаваше за време на нашиот разговор беше немилосрдното оцрнување на претседателот. Не издржав без да го прашам: „Па зарем нема ништо добро што ви донесе власта на Саакашвили? Ете на пример, корупцијата во полицијата е сосема искоренета”. На тоа Дато воззбудено извика: „Тоа не е заслуга на Саакашвили! Тоа е заслуга на целиот грузиски народ”. Само едно нешто остана нејасно: што чекал досега грузискиот народ? Зошто не завршил со корупцијата уште во времето на Шеварднаѕе?

Воопшто немам намера да одрекувам дека нешто што се нарекува национален карактер навистина постои. Не сакам да го одрекувам фактот дека националниот карактер на некој Англичанец кој го основал Плимут или на пример Шангај и веднаш вовел градска самоуправа, во корен се разликува од карактерот на некој Кинез кој за такво нешто како што е градска самоуправа нема дури ни сонувано. Тој знаел само дека, од дамнешните времиња на Jao и Шун, со еден град може да управуваат исклучиво службеници.

На ова место, некако каприциозно, ни се наметнува едно многу едноставно прашање: од што зависи националниот карактер? Можеби постои некаков генетски код одговорен за националниот карактер, кој на секоја нација поединечно ѝ ја дефинира националната ДНК?

Еднаш, многу одамна, на Балканот живееле слободољубиви Грци кои потоа се претвориле во сервилни Византијци. Да не им се променил можеби ДНК во текот на илјадата години? По тој повод можам да ви го кажам следново: благодарение на Плутарх ние денес го знаеме точно денот, па дури и часот кога ДНК на слободољубивите Грците претрпела промени.

Благодарение на него ние знаеме како Димитриј Полиоркет ја покорил слободната Атина и како на слободните Атињани истиот ден великодушно им било предложено дека која било постапка од „гарантот” Полиоркет мора да се смета како акт на Бога. Да, нашиот антички Грк во еден ден го погодила токму таква, епигенетска промена. До вчера,односно денот пред преземањето на Атина, бил слободен, а веќе денес, и понатаму, многу работи зависеле од група граѓани собрани под гордото име „Единствена Елада”. Прашање: Дали на тој ден се променил националниот карактер на нашиот имагинарен Грк, или се променила формата на владеење под која ќе мора да живее?

Или, на пример, плашливите Евреи. Уф, колку тогашните жители на гетото ги презирале и Валтер Скот и Шекспир и многу други, обвинувајќи ги за кукавичлук. А потоа, кога Евреите се преселија во Израел ни ја покажаа својата 1948 година, потоа Шестдневната војна, а потоа и војната на Судниот Ден. Неколку милиони Евреи ги одбиваа нападите на шест арапски држави и 150 милиони Арапи. Што беше тоа?! Можеби во селидбата им се промени генетскиот код? Или можеби само им се променија општествените услови? Затоа што ако шпанскиот хидалго имал обичај поради гордиот еврејски отпор да го пали целото гето до земја, тогаш станува разбирливо и зошто било тешко да се пружи отпор.

И уште еден пример. Во 17 век на територијата на Европа живеел народ кој бил склон на бучно пијанчење и познат по својата мрзливост и неодговорност. Припадниците на овој народ се нарекувале – Германци. Тогаш Фридрих Велики во 18 век построил дел од тој народ во една држава со име Прусија, а во нивниот секојдневен живот вовел најстроги бирократски прописи. Во 18 век во Европа ретко можело да се слушне поговорката „германски ред”, туку многу почесто – „пруски ред”. А потоак анцеларот Бизмарк ја обединил Германија, и „прускиот ред” одеднаш стана „германски”. Прочитајте ја Песната на Нибелунзите или Simplicissimus на Јохан Гримелшаузен и обидете се во тој бошовски групен портрет на Триесетгодишната војна да пронајдете макар еден збор што ќе ве потсети на ред и поредок. Се чини дека националниот карактер на Прусите одеднаш се променил токму на денот на стапнувањето на Фридрих Велики на престолот.

Или Северна и Јужна Кореја. Дали живеат во нив луѓе со различен национален карактер? Поточно, дали на тие во Северна Кореја би им било доволно само малку повеќе да се потрудат, та и тие да можат да живеат толку добри како оние во Јужна?

Во Кина за време на Мао Цедунг од глад умреле 60 милиони луѓе. А во современа Кина, во изминатите 20 години 400 милиони луѓе излегоа од мракот на најдлабоката сиромаштија. Дали и кај нив се промени националниот карактер? Откако умре Мао, се промени и кинескиот национален карактер.

Пред десет години, во Пекинг сите тротоари до таа мера беа гнасни од плунки што не можеше да се помине, а на улиците на Сингапур – ниту една плуканка. Дали причината е во различниот националниот карактер на сингапурските Кинези? Или со доаѓањето на Ли Куан Ју на власт, кај сингапурските Кинези одеднаш се смени делот од ДНК кој е одговорен за плукање на улица, што па, на многу чуден начин се совпадна со воведувањето на казни од 200 долара за секоја плунка?

Неспорно е дека постои национален карактер. Тој постои дури и кај мајмуните, бидејќи етолозите докажале дека шимпанзата од различни племиња, во зависност од тоа на кое племе припаѓаат, се однесуваат различно. Грубо кажано, нивното однесување зависи од однесувањето на нивниот водач. А однесувањето на водачот пред се зависи од однесувањето на неговиот претходник. И однесувањето на лидерите на прво место зависи од однесувањето на неговиот претходник. Ако претходник бил никаквец, тогаш обично и новиот водач на чопорот е исто така никаквец.

И колку и да звучи парадоксално, се сложувам со Андреј Кончаловски во една од неговите констатации. Јас исто така мислам дека Русија не е подготвена за демократија, бидејќи ако под демократија се смета само општото право на глас, тогаш ниту една земја во светот не е подготвена за демократија. Згора на тоа, верувам дека сме сведоци на една епоха во која идејата за општо право на глас (universal suffrage), како и идејата за „волјата на народот“, историски почнува да стануваат се помалку убедливи.

Но, како што наведов на почетокот, тука се потегнува едно сосема друго прашање и тоа гласи: како ние јадни, несреќни, толку длабоко „феудални“, конечно да се промениме?

Одговорот е сосем очигледен. Постојат различни начини на кои можете да го промените националниот карактер, но откога е светот и векот, почнувајќи од времето на првите организирани чопори на шимпанзата, еден од најефикасните начини да се промени карактерот на народот бил да се промени природата на власта, то ест да се промени системот на владеење.

Оваа своја мисла ќе ја поткрепам со еден мал пример од мојот личен живот. Сè уште бев многу мала, кога јас и мојот врсник, петгодишниот Антон Носик (се дружиме 40 години) бевме на одмор со своите родители во Крим. Во близина имаше извор полн со скршени стакла и кога моето мало другарче и јас видовме неколку цели шишиња, со одушевување почнавме да ги кршиме и да ги фрламе во изворот. „Што правите?!“ – строго и многу гласно не укорија родителите. Во истиот момент совесно и со потполно исто одушевување, заедно се зафативме на работа и почнавме да ги собираме парчињата стакло и да ги изнесуваме од изворот. По некое време изворот беше целосно исчистен од срча.

Се разбира, знам дека мотивацијата на возрасните и мотивацијата кај децата се разликуваат, но во последно време, кога и да се најдам во Грузија и кога ќе ги видам нивните полицајци, јас секогаш се сеќавам на изворот и скршените шишиња. Денес во Грузија полицајците не се корумпирани затоа што нивните плати се високи, затоа што се плашат од високи казни и бидејќи оној кој прима мито неизбежно ќе биде отпуштен и така ќе ги изгуби сите социјални придобивки што му ги гарантира неговата професија. Не е случајно што шефот на грузиското МВР има седиште во зградата на патролната, а не на криминалистичката полиција. Што се однесува до митото, за сите полиции во светот, патролната полиција е секогаш најкритичното место.

Но јас сакам да обрнам внимание на нешто друго. Денешниот грузиски полицаец се гордее со тоа што не е неподмитлив. А пред шест години тој (поточно оној што бил избркан од полицијата), крадел автомобили, тргувал со дрога и киднапирал луѓе.Тогаш тој се гордееше со тоа. Тој патролирајќи низ градот, особено уживалво тоа што луѓето се плашеле од него, што сите од ред му ги лижеле чевлите и што можел да влезе во која било продавница или занаетчиска продавница во својот кварт, и таму да побара бесплатна услуга. А на денешниот полицаец не му треба тој вид на задоволство. Тој ужива баш во тоа што припаѓа на полицијата на која не ѝ е дозволено да бара бесплатни услуги. На кратко, му се променил националниот карактер.

Сето ова не води до два заклучока. Првиот е дека сите дискусии за тоа дека не е власта таа што треба да се промени туку дека треба да почнеме од самите себе, дека треба да се развиеме духовно, морално да растеме ислично на тоа – сето тоа е само најобично фарисејство.

Тоа што треба да се промени е секогаш власта. Стадото оди по водачот и затоа да се стои пред станбената задруга „Езеро“ во која сите нејзини задругари се двоцифрени доларски милијардери, а во исто време да се зборува дека одговорен за фалсификување на изборите е таму некоја бабичка која на гласачкото место за кое е одговорна по сопствена иницијатива префрлала гласачки ливчиња од една кутија во друга, не само што е бесмислено, туку во голема мера и неморално.

Рибата смрди од главата, а Русија од Путин.

Вториот заклучок е дека ние денес сме стигнале во таа фаза кога реформа е невозможна без револуција. Но, во исто време, треба да се има на ум и тоа дека револуцијата е бесмислена без реформи, а дека реформа – и тоа Реформа со голема почетна буква – е тоа кога еден државник – не претседател, не политичар, туку Државник, исто така, со голема буква – сериозно се фаќа за работа и го менува ликот на нацијата.

Подготви: А.Ј.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...