АЕК ќе потроши 5 милиони денари повеќе за плати на вработените

165

Агенијата за електронски комуникации (АЕК) во 2018 ќе потроши 5 милиони денари повеќе за плати на вработените во споредба со минатата година, а бројот на вработени ќе остане ист како лани.

Овој податок беше соопштен на промоцијата на Петтиот мониторинг извештај за работата на АЕК и на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), кој се однесува на последниот квартал од лани (октомври-декември).

Вкупните планирани приходи и расходи на оваа агенција за тековната година се исти и изнесуваат 475.555.000 денари. Најголем дел – над 78 отсто, ќе се инкасираат преку надоместоците за користење на радиофреквенциите, а најмногу – речиси 33 отсто, ќе се трошат за капитални инвестиции.

– Капиталните средства се најголемата расходна ставка во буџетот на АЕК за 2018 година. Вкупно за оваа ставка се предвидени околу 156 милиони, од кои над 97 отсто или над 152 милиони денари, се предвидени за изграда на антенскиот систем за контрола и мониторинг на Водно – вели Горан Лазаров, проектен координатор од Евротинк и еден од авторите на извештајот.

За антенската кула на Водно, тој нагласи дека владата побарала детална анализа и ако се покаже дека нема потреба од неа, ќе се стопира.

АЕК, пишува во извештајот, во последниот квартал од 2017 побарал и информација од ЈСП за парите што ги дала како донација за Панорамското тркало.

„Одговорот што го добиле е дека ЈСП Скопје ги чува финансиските средства на посебна банкарска сметка со намена за изградба на тркалото, како и дека истите не се целосно потрошени и оти ќе се искористат исклучиво за таа намена“, пишува во извештајот, но авторите нагласуваат дека во меѓувреме изградбата беше стопирана, па треба да се види периодов што ќе се случува со тие пари.

Мониторингот на АЕК е правен и од аспект на независноста и ефикасноста, транспарентноста и на јавниот интерес.

Од аспект на транспарентноста, интересен е податокот во насока на тоа дека Агенцијата како да не знае да ги користи социјалните медиуми за комуникација со јавноста. Во последните три месеци од 2017 година, посочи Лазаров, немала ниту една објава на официјалните профили социјалните мрежи. За разлика од ова, трите интернет-страници на АЕК редовно се ажурирале.

„И покрај забелешките, Агенцијата сè уште не ги објавува деталните биографии на директорот и на членовите на Комисијата. Нема подобрување на записниците од состаноците на Комисијата кои се од затворен карактер“, пишува во извештајот.

Дел од мониторингот се и приговорите кои ги имале граѓаните до АЕК. Телефонски во минатата година имало над 5.000 јавувања, а бројот на приговори во писмена форма и преку интернет страницата изнесува 930 (од нив само 6 отсто поднесени електронски).

Речиси во половина од овие испратени приговори, граѓаните се жалеле за мобилните и интернет услугите. Кога станува збор за тоа кој се жалел, најбројни се скопјани – 63 отсто, а по нив се битолчани – 9 отсто.

Презентацијата на извештајот за мониторингот на АЕК и АВМУ ја организираа Евротинк – Центар за европски стратегии, НВО Инфоцентар, Транспарентност Македонија и Хелсиншкиот комитет за човекови права.

На неа присуствуваше и претставник на АЕК кој зборуваше за пазарот со мобилните услуги. Одговарајќи на забелешките за тоа дека во Македонија има само два телекомуникациски оператор (плус еден виртуелен), а во другите земји со ист пазар како нашиот има повеќе, Игор Бојаџиев од Агенцијата посочи дека сакале да донесат уште еден оператор.

– АЕК ги извести 100-те најголеми компании на светот дека постои можност за влез на нов оператор во земјава и се појави заинтересираност кај нив – рече Бојаџиев и појасни дека поради маратонскиот изборен процес од околу две години, парламентарните и локалните избори, операторите се откажале.

Кој било инвеститор, посочи Бојаџиев, кога ќе го задржите две години, ќе се преиспита дали и што ќе прави.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...