Холанѓанката Ментел-Спе освои злато во сноуборд по дијагноза на рак, 48 зрачења и операции

367

Холанѓанката Бибијан Ментел-Спе го освои златото во сноуборд крос на Зимските параолимписки игри во Пјонгчанг, а нејзината животна приказна покажува дека со доволно волја и упорност може да се постигне се.

Оваа 45-годишна Холанѓанка, на која пред неколку години и ја ампутирале ногата до коленото, само десет недели пред да го освои златото во Пјонгчанг била на операција поради рак на вратниот дел од рбетниот столб.

Возењето, кое и го донесе златниот медал, не предизвика толку внимание во јавноста, колку сето она што таа го преживеала изминатите девет месеци.

Драмата на параолимпијката, која и во Сочи триумфираше во сноукрос, почнала во јули. Лекарите тогаш и дијагностицирале рак и тоа по деветти пат во нејзиниот живот. Бибијан во 2002 година ја загубила потколеницата бидејќи тумурот ја нападнал коската, а овојпат во прашање биле вратните пршлени.

– Беше утврдено дека 40 отсто од шестиот вратен пршлен е зафатен со рак. Минатото лето направив 48 зрачења. Кога наводно излечена се вратив на рехабилитациските тренинзи се утврди дека пршленот скоро колабирал од ракот и радиолошката терапија. Тогаш ми рекоа дека рбетот би можел да ми се прекине на тоа место и да останам парализирана доколку не бидам оперирана веднаш, вели Ментел-Спе.

Таа набргу потоа имала две операции на вратниот пршлен.

– Едната беше крајот на декември, а другата на 3 јануари. Тогаш лекарите ми рекоа дека вратот ми е во ред и дека се надеваат оти ќе успеам да заминам на Параолимписките игри, истакна Холанѓанката.

Бибијан Ментел-Спе вели дека само пред три недели повторно застанала на сноуборд и затоа и е неверојатно што го освоила златото.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...