Избеганиот осуден пратеник Никола Груевски ќе зема за пет отсто помала плата во наредните шест месеци , било одлучено на денешната координација што ја свика Талат Џафери со потпретседателите на Собранието и со координаторите на пратеничките групи, а на која се разговараше за пратеничкиот статус на поранешниот премиер, откако тој официјално е во бегство и по него е распишана меѓународна потерница.
Со оглед на тоа што во наредните шест месеци нема законска можност да му биде одземен мандатот на Груевски по неуспешниот обид на параментарното мнозинство да го направи тоа со двотретинско мнозинство, на денешната координација паднала одлука да му се крати од платата, како што предвидува собранискиот Деловник, по отсуство од три последователни седници.
„Донесен е заклучок дека пратеникот Никола Груевски, од денешниот ден се смета за неоправдано отсутен, имајќи ги предвид информациите од надлежните органи дека тој се наоѓа во бегство. На пратеникот кој отсуствува најмалку трипати едно по друго на седниците на Собранието, а за тоа не го известил претседателот, му се одзема 5 отсто од платата за секој ден отсуство, за што акт донесува Комисијата за прашања на избори и именувања. Овој член ќе важи за неоправданото отсуство на пратеникот Никола Груевски“, информира Собранието.
Според Деловникот, Собранието може да го одземе мандатот, ако пратеникот е регистриран за неоправдано отсутен шест месеци. Тоа значи дека по истекот на рокот од половина година, повторно ќе биде побарано одземање на мандатот на Груевски, но и тогаш Собранието ќе треба да го утврди тоа со двотретинско мнозинство.
На денешната координација, не присуствувал Никола Мицевски, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, но, како што велат од кабинетот на Џафери, тој е информиран за заклучоците.
ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI