Урбана уметничко-активистичка акција „Идното македонско евро“ се одржа денеска во Скопје.
– Со оваа акција, ние како група урбани уметници – активисти, решивме на свој начин, онака како што најдобро знаемe, да го освежиме сувопарниот предреферендумски пејсаж, но и да ги поддржиме напорите за приближување на Македонија и нејзините граѓани кон ЕУ – велат организаторите.
Оттаму наведуваат дека секоја земја членка на Европската Унија, по прифаќањето на еврото како валута, има право на монетите да ги аплицира своите национални симболи.
– Се надеваме дека набргу ќе дојде денот кога шарпланинецот, рисот, охридската пастрмка и другите нашите симболи, ќе заблескаат на монетите на еврото. Поттикнати од оваа европска практика, решивме на граѓаните, практично, на улица, да им доловиме како таа би можела, во иднина, да се примени и кај нас – додаваат тие.
Оваа урбана акција е дел од граѓанската кампања „Зачекори напред! Изборот е твој!“