Заев – Петерсен: Предреферендумската атмосфера е пријатна, очекувам да се вклучи и опозицијата

108

Важноста за демократско спроведување на процесот и потребата од висока одговорност од страна на сите субјекти во државата, за да се осигура изјаснувањето на граѓаните, било тема на средбата меѓу премиерот Зоран Заев и Јан Петерсен, шеф на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР.

-Посветени сме да спроведеме комплетно регуларен, транспаретен и доверлив процес – рече премиерот Заев.

Тој посочи дека во таа насока, кампањата за референдумот е едукативна и е првенствено насочена кон објаснување на договорот од Преспа и од придобивките од евро-атлантските интеграции, како и кон мотивација на граѓаните, каков став и да имаат, да излезат и да го изразат на претстојниот референдум.

-Референдумот е можност граѓаните да го изразат својот став, но исто така укажуваме дека изјаснувањето е граѓанска должност на секој човек со право на глас, бидејќи се работи за добрата иднина на државата – рече Заев.

Тој соопшти дека големото мнозинство граѓани во Македонија, уште од прогласувањето на независноста на државата се определени за интеграција на Македонија во ЕУ и во НАТО и изрази очекување дека оваа определба ќе се одрази на референдумот.

Заев додаде дека предреферендумската атмосфера во државата е пријатна и рече дека очекува вклучување и на опозицијата, во функција на остварувањето на стратешките државни цели и на интересот на граѓаните за просперитетна иднина.

На средбата е изразена согласност за важноста на извештајот што ќе го изготви ОБСЕ/ОДИХР за претстојниот референдум, со оглед дека Македонија очекува почеток на преговорите со ЕУ и отворање на поглавјата. А, претставувањето на Република Македонија како држава којашто практикува демократија, како што рече премиерот Заев, е значајно за впечатоците дека земјата се развива во добар правец, низ почитување на европските вредности.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...