Четиридневно уживање со вино, храна и музика пред „Веро центар“

302

Врвни вина од најпознатите домашни винарници комбинирани со префинети деликатеси и магичните звуци на најреномираните македонски музичари ќе бидат главниот белег на годинешното издание на манифестацијата „Вино фест 2018“ која од 12 до 15 септември (од среда до сабота) ќе се одржува на отворениот паркинг пред „Веро центар“ во Скопје.

Оваа манифестација традиционално ја организира компанијата „Веропулос“ со цел на посетителите да им овозможи неколкудневно уживање во најдобрите вина, квалитетна храна и музика која ќе задоволи сечиј вкус. Оваа година на сцената пред „Веро центар“ ќе се појават едни од најпознатите музички имиња од земјава чии настапи привлекуваат бројна публика низ целиот свет.

Првиот ден од настанот ќе го отворат групите „Љубојна“ и „Фолтин“, кои со своите уникатни настапи го привлекуваат вниманието не само на домашната, туку и на светската публика. Во следните два дена посетителите ќе уживаат во волшебните звуци на музиката на Јаков Дренковски и на легендарниот Игор Џамбазов, како и на Тони Китановски и Черкези оркестар и на гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски. Манифестацијата ќе се затвори со настапите на групата „Куку леле“ и на фолк-ѕвездата Миле Кузмановски. Во текот на сите четири дена, атмосферата пред настапите на музичарите и бендовите ќе ја загреваат диџејските сетови на Чваре, Флудер, Дарко Марковски и Маци.

Најновото издание на „Вино фест“ ќе овозможи уживање во врвни домашни вина, но ќе понуди и концепт на гастрономско бистро со деликатеси од реномирани домашни и странски производители. Посетителите ќе може да ги дегустираат најпознатите вина на винарниците „Тиквеш“, „Бовин“, „Стоби“, „Еземит“, „Далвина“, „Пивка“ и „Гама“ и пијалоците на Пивара Скопје по промотивни цени, додека гурманското задоволство ќе го овозможат деликатесите на производителите „Чеза“, „Единство Челопек“, „Златиборац“, „Линдт“ и „Еуромес“.

– „Вино фест“ е традиционална манифестација чија примарна цел е да ги промовира домашните вина и храна, со што на локалните производители ќе им даде дополнителен стимул за натамошен развој на нивните бизниси. Во исто време, на посетителите им нуди уживање во врвни вина и деликатеси, зачинето со одлична музика на најреномираните домашни изведувачи. Бројот на посетители на „Вино фест“ секоја година е сѐ поголем, а за нас тоа е најдобар показател дека успеваме да направиме совршена комбинација на врвно вино, најквалитетна храна и прекрасна музика. А тоа е основната цел на Веро – на своите потрошувачи секогаш да им го понуди најдоброто – вели Љубица Короскоска, маркетинг директор во компанијата „Веропулос“.

Музичката програма на „Вино фест 2018“ секој ден ќе почнува од 19 часот. Во среда и во четврток ќе трае до полноќ, додека во петок и во сабота ќе завршува во 1 часот наутро.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...