СЛОБОДЕН УДАР Се е исто, само името го нема

Демек, се менува името на Пиволенд, затоа што од градската каса ќе треба да се издвојат пари за Пивски фестивал, па да не се случи недоразбирање. Божем во Скопје има десет фестивали на пивото!

927

Градоначалникот Петре Шилегов реши да ги менува имињата на манифестациите кои веќе станаа заштитен знак на Скопје. И тоа на вонредна седница, итно свикана, божем се работи за приоритет од животно значење!

Така, популарниот „Баскерфест“ во иднина ќе се нарекува „Организирање  манифестација со улични изведувачи“, Вино-Скоп станува Вински фестивал, а  Пиволенд – Пивски фестивал. Ниту оригинално, ниту креативно.

За потребата од итна промена на имињата,  градскиот татко објасни дека е неопходно усогласување на називите на проектите во програмите со називите на проектите во Буџетот на Град Скопје за 2018 година. Демек се менува името на Пиволенд, затоа што од градската каса ќе треба да се издвојат пари за Пивски фестивал, па да не се случи недоразбирање. Божем во Скопје има десет фестивали на пивото!

За постапката на Шилегов навидум нема логично објаснување. Можеби едноставно не му се допаѓаат имињата на фестивалите или тоа што некој друг ги смислил. Можеби си сака изворни, македонски називи. Но, навистина е погрешно доколку мисли дека градската локална власт и животот во Скопје почнува од него и дека сега се треба да се промени, па и тоа што всушност никому не му пречи и не му наштетува. Напротив.

Во Скопје има многу проблеми  што треба да се решаваат. За некои од нив можеби е потребна и вонредна седница. Има и ветувања дадени чие исполнување не е ни во најава. Шилегов тоа го знае. Доколку го подзаборавил, еве го потсетуваме. Трите манифестации кои добија вонреден удар врз постоечките имиња се фестивали кои скопјани ги сакаат. Ај, да го оставиме на раат барем она малку што е убаво во Скопје. Ако може.

 

Анета Стојковска

„Слободен печат“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...