Какви терористи?! Јовановски го рецитирал Блаже Конески, Арнаудов породил 15.000 жени

1070

Обвинетите сториле тероризам со збор, а не и со дело, рече денеска адвокатот Дончо Наков во воведниот говор од денешното рочиште за процесот кој се води против обвинетите за насилствата од 27 април 2017 година во Собранието на Македонија.

Според Наков, ќе се докаже дека ниту еден обвинет не презел општо опасно дејствие или чин на насилство и дека кај неговите штитеници не постоела ниту намера, ниту умисла за сторен тероризам.

Мотивот за кривичното дело тероризам, според обвинението, е наводното спречување за избор на претседател на Собранието. Според Наков, намерата не се остварила, бидејќи Талат Џафери е назначен на функција. Наков истакна дека неговите штитеници досега не биле осудувани.

– Љубен Арнаудов, над 15.000 породувања во импозантна кариера од 30 години работно искуство. Пратеник во Собранието, избран со мнозинство и со голем углед. И во таква кариера со спасување на човечки животи тој денес е обвинет за тероризам и дека сакал некому да наштети – рече Наков.

За Владо Јовановски, рече дека бил нормален човек, со нормално семејство и со високи кредити. „Патриот, емотивен тип, но никако терорист“.

Според Наков, Јовановски во периодот од 17:37 до 18:30 часот бил на новата железничка станица во Скопје да плаќа глоба за паркинг, за што имал докази од МВР за мандатна казна и од Јавното претпријатие за паркинзи.

Наков тврди дека Јовановски само пеел патриотски песни и држел говори без акт на насилство и умисла. Во пленарната сала, говорот го почнал со песна од Блаже Конески и не повикувал на насилство.

За Богдан Илиевски, архитект, организатор на протестите на „За заедничка Македонија“, рече дека во 65 дена успеал да не дозволи да се случи никаков инцидент и дека тој никако не може да биде насилник.

За Абдуљфета Алими, Наков рече дека е полицаецот за кого Зијадин Села ја заложи својата куќа како гаранција дека нема да бега.

– Човекот кој овде е обвинет е еден од поважните сведоци во случајот со нападот на Села и врз основа на неговиот исказ беше донесена судска пресуда. Значи обвинителството во тој предмет му верува, а Села тврди дека Алими е лицето на кое тој му го должи животот – рече Наков.

Обвинителството тврди дека обвинетиот Алими дал клуч од средната врата од Собранието на еден од обвинетите. Наков тврди дека решавачки факт за утврдување вина кај Алими е дека таа врата воопшто не била отклучена.

 

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...