Собранието во продолжението на 35-та седница денеска именуваше членови и заменици-членови на повеќе собраниски комисии и други тела.
За претседател на Буџетскиот совет на Собранието е избрана Фросина Ташевска Ременски, а нејзин заменик член е Лилјана Кузмановска. Ова тело има девет членови.
Пратениците пред Собранието ги изнесоа предлозите на законските измени и дополнувања во прво читање со кои се врши усогласување со Законот за јавна администрација, а за нив ќе се изјаснат на 12 март, за кога е закажано и продолжението на 35-та седница.
Претходно, Собранието на РМ денеска го избра Насер Ајдари, дипломиран правник и државен правобранител, за нов судија во Уставниот суд на Република Македонија.
Собранието на денешната 35. седница ги избра и Ангел Солев, поранешен судија и Ангеле Илиевски, адвокат за членови на Советот на јавни обвинители.
Собранието денеска усвои и Декларација по повод 75 години од депортацијата на Евреите од Македонија во логорот на смртта Треблинка.
На денешната седница не беа присутни пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.