Меси го постигна голот број 600 во кариерата

320

Аргентинскиот волшебник на Барселона, Лионел Меси уште еднаш блесна во еден важен момент за својот клуб, а во исто време означи извонреден јубилеј.

Меси го отвори резултатот во дербито со Атлетико Мадрид со магично извршување на директен слободен удар и го реализира својот гол број 600 во професионалниот фудбал – 539 погодоци во дресот на каталонците и 61 за репрезентацијата на Аргентина.

За ова достигнување на Меси му требаа вкупно 746 натпревари. Во својата кариера тој освои 30 трофеи и има пет „Златни топки“.

Интересно е дека вчера, Кристијано Роналдо исто така запиша јубилеј – гол број 300 во Примера, откако за нив му требаа 286 натпревари и така тој го надмина Меси во импровизираното рангирање по показател „број натпревари, потребни за 300 гола“, бидејќи на Аргентинецот му беа потребни 334 дуели.

Првиот гол на Меси во дресот на Барселона е во мај 2005 година против Албасете. Друг интересен факт е дека десетката на „каталонците“ за прв пат во кариерата постигнува голови од фаул во три последователни натпревари.

Јубилејни голови на Лионел Меси:

Гол број 100: против Динамо Киев во септември 2009 година
Гол број 200: против Реал Мадрид во август 2011 година
Гол број 300: против Рајо Ваљекано во октомври 2012 година
Гол број 400: против Гранада во септември 2014 година
Гол број 500: против Валенсија во април 2016 година
Гол број 600: Атлетико Мадрид во март 2018 година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...