Нема концесија за суровини штом газдата е од СДСМ !

1688

Општина без ниту една компанија. Токму така. Општината Чашка е без било каков индустриски капацитет. Два рибника, со кафеани и еден хектар под оранжерии. Ништо повеќе. А некогаш Чашка имаше и фабрика. Во центарот на Чашка успешно, во состав на керамичката индустрија „Киро Чучук“ од Велес , работеше фабриката за тули. Од прочуената квалитетна глина фабриката произведуваше пет милиони полна тула и 15 милиони монта тули за ферт гредички. Во неа егзистенција обезбедуваа стотина работници од Чашка. Фабриката, како мал погон, работеле уште за време на СХС.

Арно ама со одењето во стечај на велешката фабрика туланата во Чашка на тендер беше продадена. Се притискаше за мали пари да ја купи некои од ВМРО, арно ама на тендерот најниска понуда даде компанијата „Еленица“ од Струмица, сопственост на фамилијата на премиерот Зоран Заев, кој во тоа време беше градоначалник на Струмица. Пред вработените и првите луѓе на општината претставник на „Еленица“ вети дека фабриката ќе продолжи со работа и дека за неколку години двојно ќе го зголеми и производството и бројот на вработените.
Кога сите очекуваа да дојде живот во Чашка се случи најлошото. Компанијата „Еленица“ поднесе барање за концесија за користење на огромните ридови глина.

Од Владата , со која раководеше ВМРО, рекоа нема глина, нема концесија за компанијата „Еленица“ бидејќи Заеви се од СДСМ. И толку. Не помогнаа ни уште неколкуте обиде на компанијата да добие концесија. Вратите на фабриката се затворија, а работниците мораа да си заминаа дома. Доаѓаа секое утро најнапред пред фабриката, а потоа и пред вратата на градоначалникот. Го молеа да направи нешто во Партијата за да ја спаси фабриката, но, градоначалникот остана нем.

Во една прилика му реков на градоначалникот дека во фабриката се вработени осумдесет насто членови на ВМРО и дека греота е фабриката да не работи и „нивните“ членови да немаат работа. Ако работи фабриката и ВМРО, со своите вработени, ќе бидат добро и за општината и за Партијата и за вработените. Без да чека многу ми рече:

„Став е на Централата. Нема концесија за суровини за фабриката на која сопственици се од СДСМ. Таа нема да работи, а не е голема работа и ако не работат стотина работници!“.

Така рече без око да му трепне. Наредиле челниците и готово. Поминаа десетина години од тогаш. Од некогашната фабрика останаа само ѕидовите. Сопствениците на Компанијата „Еленица“ кога видоа дека „со глава ѕид не се урива“ си ги зедоа квалитетните машини и се друго што вредеше и го однесоа за Струмица.

„Жално, навистина жално. Единствена егзистенција ни беше фабриката. Таа повеќе ја неме. А зошто. За будалштина. Газдата не бил од нивната партија? Па што од тоа. Ние бевме од ВМРО. Значи ВМРО ни ја зеде и работата и егзистенцијата. Од добар мајстор сега со трите деца и жената тутун произведуваме за да обезбедиме барем за леб“, ни вели еден поранешен работник.

„Арам да им е. Не оставија и без работа и без пари. Оние помладите заминаа низ светот, а ние останавме тука. Навистина греота е да гледаш како од една убава фабрика денес останаа само ѕидовите. И кров нема. Жална, жална слика!“, вели друг поранешен работник.
И така, за инат, ВМРО-ДПМНЕ не и дал концесија за користење на суровини бидејќи фабриката ја купиле членови на СДСМ. Фабриката пропадна. За ВМРО тоа е најмалку важно. Важно е фабриката на СДСМ да не работи. И не работи!. Повеќе ја нема. Не постои. А за вработените, а за нив, на никого не му е гајле. Важно е фамилијата на Заеви и СДСМ да не работат. Е тоа народот ќе го рече:

„Се само заради инат!“. И така инатот доведе општина Чашка да остане без ниту еден индустриски капацитет. Што да речеме освен Господ нека ни е напомош!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...