„Заб за заб – око за око“

На вандалите, време е да им се затегне синџирчето. Или, како што тоа се прави со уличните четириножни џукели, да им се прикачува знак, обележје, дека се опасни по безбедноста - за наше предупредување.

1730

Се изнаслушавме и се изнагледавме инсерти од многу инциденти и арамбашки дивеења на разноразни телохранители, партиски силеџии, државни чиновници и тајкунски моќници. Нив, за чудо, ниту болва не ги каснува.

Кој колку што сака и до кога сака може да ја забодува главата во песок и да глуми глувост и слепост во името на привидна, поточно, лажна меѓупартиска, или меѓуетничка хармонија. Меѓутоа, оваа настраност во поведението на одредени заштитени ѕверки, не со добрата волја на некого, туку во името на правото, како привилегија на секој припадник на оваа заедница, без разлика на неговиот општествен или социјален статус, треба неодложно и со нужната законска строгост, да се санкционира.

Не може молкум да се минува преку вистината дека имаме селективна казнена политика. За погрешно паркирање, на рака, експресно ви испорачуваат парична казна, со, за наши услови, зашеметувачка висина, како да сте граѓанин од Бахреин, Абу Даби или Саудиска Арабија, а не од најсиромашната држава – Македонија. Од друга страна, друмски силеџии, митаџии, затајувачи на даноци, потврдени криминалци, дрски мускулџии, кафеанскa ајдучана и друг вид битанги, минуваат со условни, или смешно ниски казни.

Веројатно, никој не посакува, во овој стадиум на светските цивилизациски дострели, правдата секој да ја зема во своја рака. Или да се враќаме во времето кога владееле законите на анаријата и на примитивизмите – заб за заб, око за око.

На вандалите, време е да им се затегне синџирчето. Или, како што тоа се прави со уличните четириножни џукели, да им се прикачува знак, обележје, дека се опасни по безбедноста – за наше предупредување. И секако, навреме да се вакцинираат од беснилото. А сепак, најразумно и најрационално би било книгата на Законот секогаш да ни биде отворена на онаа страница каде што е забележано дека пред него сме еднакви сите!

Колку за показ, во Романија, само во текот на минатата година, пред лицето на правдата, или поточно, на „црната“ судска клупа биле седнати илјада граѓани, и сите со функционерски статус. Така се затегнува синџирчето, како испробан метод за дисциплинирање на хулиганите, на анархистите, на криминалците. А и на оние што од чисто коруптивни побуди, го исцртуваат, преферираат и толерираат амбиентот на беззаконие!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...