По одлуката на Комисијата за натпревари на ФФМ, со која е одбиена жалбата на струмичкиот прволигаш за мечот со Шкендија одигран на 25 февруари во рамките на 21. коло на Првата МФЛ за неправилен настап на млад фудбалер, УО на „Академија Пандев“ излезе со соопштение во кое најавува дури и истапување од прволигашкото друштво.
„Денешнава одлука од Комисијата на натпревари длабоко не погоди. ФК „Академија Пандев“ информира дека во претстојните 24 часа ќе одлучи за следните чекори и постапки, а сериозно размислуваме и за истапување од лигата “,соопштија од таборот на струмичкиот прволигаш.
Истакнуваат дека не знаат од кои причини вистината отишла во несакан правец, но како колектив ќе продолжат да се борат за развојот на младинскиот и македонскиот фудбал.
„Мораме да констатираме дека со денешнава одлука ни зададовте удар и направивте чекор назад за еден човек. Човекот кој сопствените лични примања, директно стекнати и заработени од фудбалската игра, оној што во изминативе осум години несебично го финансираше и помагаше проектот за развој на младинскиот фудбал преку ФК „Академија Пандев“ можеби ќе го натерате многу скоро да ги откаже своите инвестиции во македонскиот фудбал и македонскиот спорт“, се додава во соопштението.
„Академија Пандев“ потенцира дека во изминативе осум години, колку што постои клубот, нормално било акцентот да биде ставен на развојот на младите категории и младинскиот фудбал.
„Поради тоа и бевме премногу засегнати за сите случувања околу натпреварот ФК „Шкендија“-ФК „Академија Пандев“ и повредата на правилникот за настапот и играњето на младиот фудбалер. Во иднина уште повеќе ќе се залагаме за почитување на ова правило и стратегијата за развој на младинскиот фудбал. Всушност би сакале да дадеме предлог за поттикнување на сето тоа, во иднина бројот на младите играчи да се зголеми на пет млади фудбалери за задолжителен настап во Првата МФЛ“, наведуваат во соопштението.