Наместо восочни фигури и насилство, во Музејот на ВМРО да има повеќе оригинали

Според работната група, спорно е што има премногу насилни сцени поткрепени со непотребни аудиовизулени ефекти. Тоа, според нив, не е работа на музеите, а со оглед дека најбројни посетители се деца од прво до четврто одделение,  рекоа дека требало некој да се заинтересира и за „чувството на мачнина што поставката ја предизвкува по излегување од музејот“. 

1103

Работната група за преиспитување на општествената и стручната оправданост на постоењето на НУ Музеј на македонската борба за државност и самостојност – Музеј на ВМРО и Музеј на жртвите од комунистичкиот режим соопшти дека не предлага затворање на музејот, туку преименување со скратување на името во: „Музеј на македонската борба за државност и самостојност“.

На Министерството за култура му предлага и формирање стручна комисија која ќе направи нова историска поставка во музејот во која, според оценка на работната група, доминантно место треба да имаат оригинални документи и предмети, а помалку восочни фигури, уметнички слики и сценографии. Тие сметаат дека сегашната поставка не е научна, туку театарска.

Работната група под претседателство на историчарот Александар Литовски и петте членови (Донка Барџиева-Трајковска, Елеонора Петрова, Златко Теодосиевски, Гордан Николов и Жарко Трајановски) назначена во март, до Министерството за култура доставила елаборат од 31 страница – од увидот и анализата на документацијата во музејот од што произлегуваат и препораките.

Литовски денеска на средба со новинарите рече дека очекува Министерството за култура да ги прифати нивните предлози и стручна екипа да изработи нова поставка која, како што рече, треба повеќе да обрати внимание на сегашноста и иднината, да поттикнува соработка и соживот, а не да прави поделби во општеството. Според него, сегашната поставка е слика за партизација затоа што доминираат експонати поврзани со основањето на историското ВМРО до сегашното ВМРО-ДПМНЕ со восочната фигура на Драган Богдановски, еден од  основачите на партијата.

– Од 13 оддели во музејот, осум се чисто за историјата на МРО, ВМРО, ТМОРО…, односно континуитет од 1893 од 1991 година, а и во другите пет оддели повторно, индиректно се зборува за дејците на ВМРО низ историјата, рече Литовски.

Донка Барџиева-Трајковска, член на работната група, рече дека анализирале обемен материјал од околу 270 документи за да ја следат хронологијата на изградбата на музејот. Утврдиле дека се прекршени четири закони – за буџет, за спроведување на буџетот, за музеи и за заштита на културното наследство.

Во првата буџетска година (2007) во ставка за музејска и кинотечна дејност биле наменети 16.600.000 денари. Тогаш првпат и се појавува  името на музејот во документација, а одлуката за основање е донесена во 2008 година. Музејот беше отворен во 2011.

– Крајната сума се 12 милиони евра кои се потрошени до отворањето на музејот. Со тоа што изградбата е ставена во музејска и кинотечна дејност, прекршени се законите за буџет и за спроведување на буџет. Тоа е злоупотреба на пари кои се наменски, бидејќи се однесуваат на функционирањето на музејската и кинотечната дејност. Законот за музеи е прекршен зашто не се испочитувани условите за формирање музеи, меѓу кои се и изработка на елаборат, кој воопшто не постои. Исто така, не била побарана согласност од матичната установа – Музејот на Македонија – рече Барџиева-Трајковска.

Законот за заштита на културното наследство е прекршен со тоа што во 2013 година овој музеј бил прогласен за културно наследство по сила на закон (ex lege) иако за тоа не биле исполнети условите.

– Музејскиот материјал во самиот музеј треба да биде валоризиран и категоризиран најмалку со вредност од последната категорија – значајно културно наследство. Тоа досега воопшто не е направено, а не пак во моментот на прогласување пред пет години кога го добил тој статус. Истото се однесува и на депандансот – Порта Македонија, за кој не знаеме по кој основ го добил таквиот статус – рече Барџиева-Трајковска, додавајќи дека во релација со Управата за заштита на културното наследство и Конзерваторски центар-Скопје во процедура е преиспитувањето и бришењето на тој статус.

Прекршени се и принципите за музејска дејност бидејќи концепцијата на поставката ја правеле универзитетски професори и историчари, а не музејски работници кои се компетентни и надлежни за музејска презентација.

Според неа, тие навлегле во нешто што не претставува наука, туку импровизација затоа што описите на историските личности и сцени не произлегле од фотодокументација, туку од сугестиите на авторите на концепцијата на поставката. Оригиналните документи и предмети се заменети со илустрации според субјективни замисли.

Според работната група, спорно е што има премногу насилни сцени поткрепени со непотребни аудиовизулени ефекти. Тоа, според нив, не е работа на музеите, а со оглед дека најбројни посетители се деца од прво до четврто одделение,  рекоа дека требало некој да се заинтересира и за „чувството на мачнина што поставката ја предизвкува по излегување од музејот“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...