Уличните и незгрижените кучиња веќе подолг временски период се рак-рана во Скопје. Официјалните бројки говорат дека на територија на Град Скопје има околу 6.000 маркирани улични кучиња, но реалната бројка е многу поголема. Како последица на огромниот број кучиња скитници, речиси секојдневно во полициските билтени може да се прочитаат информации за каснати граѓани, а најзагрижувачки е податокот што нападите од кучиња многу често се случуваат во централното градско подрачје. Имаше ситуација кога куче нападна неколку граѓани во Аеродром. Тогаш кучето од расата ротвајлер кое најверојатно имаше сопственик, беше заловено и однесено во стационарот „Вардариште“. Таму кучето било кастрирано и социјализирано и дадено на посвојување во Италија.
Проблемот со кучињата кои немаат сопственици или пак оние на кои сопствениците не им се познати, не е проблем со кој се соочува само Скопје. Ниту една општина во Македонија не знае колку кучиња скитници има, ниту располага со точна бројка на миленици. Општините, во чија надлежност се уличните кучиња, допрва ќе учат како да ги пребројуваат и допрва ќе формираат прифатилишта или ќе склучуваат договори со шинтерски служби.
Како што најави директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов, започнуваат интензивни активности за решавање на овие два проблема, регистрирање на кучињата скитници, но и целосно идентификување на милениците со микрочипови. Со ова се очекува да се стави ред, особено во руралните средини.
– Од 12 до 16 март во соработка со Британското кралско здружение за заштита на животните од суровост, ќе се спроведе пребројување на бездомните кучиња во Општина Центар. Идејата е локалните самоуправи да научат како да ги пребројуваат уличните кучиња и потоа таквиот процес да го спроведуваат во нивни рамки – рече Атанасов.
За миленичињата, пак, ќе се набават 100.000 микрочипови со вкупно 18 милиони денари кои ги обезбеди АХВ. Микрочипирањето ќе биде бесплатно за сопствениците на кучињата (и мачките), но ќе мора да се спроведе, односно тие ќе треба да ги сносат само трошоците за вакцина против беснило и пасош, кои изнесуваат околу 800 денари. Во спротивно следуваат казни, од 100 до 150 евра за физичко лице, односно за сопственикот кој не го идентификувал својот миленик со микрочип.
– Тендерот за набавка на микрочиповите е распишан, постапката тече. Практично, државата ќе инвестира, но и ќе бара Законот да се почитува, напомена директорот, додавајќи дека микрочипирањето се очекува да почне во мај – јуни годинава.
Според последните податоци на АХВ, околу 4.000 миленици засега имаат микрочипови, но тоа не значи и дека толку миленици има зашто голем број од сопствениците не ги идентификуваат со образложение дека им е скапо. Во однос на бездомните кучиња, пак, слободната проценка е, како што рече Атанасов, дека само во Скопје има околу 6.000, но оваа бројка е утврдена врз основа на досега заловени и обележани кучиња што, повторно, не значи дека нема повеќе.
Меѓу другото, Атанасов информираше и за повеќе тековни активности на АХВ. Како новина која што се воведува е тоа што од денеска започнува со работа системот за брзо информирање за небезбедна храна, храна за животни и материјали кои доаѓаат во контакт со храна. Наскоро почнува и пописот на копитари (коњи, магариња, мулиња и мазги).