Гранит Џака и Џердан Шаќири кои со своите раце симболизираа орел кој беше протолкуван како политичка провокација кон противникот ќе треба да платат казни и по 10.000 швајцарски франци, а поради слично однесување во една ситуација, Штефан Лихтштајнер ќе плати казна од 5.000 франци.
Ова е казната која Светската фудбалска федерација (ФИФА) денеска преку своите соодветни комисии ја определи за однесувањето на дел од актерите, но и навивачите за време на натпреварот меѓу Швајцарија и Србија на Светското првенство во Русија.
Српскиот селектор Младен Крстајиќ и првиот човек на фудбалскиот сојуз, Славиша Кокеза поради критиките упатени на сметка на ФИФА се казнети со по 5.000 швајцарски франци, а најдрастична е казната за Српскиот фудбалски сојуз поради однесувањето на навивачите на трибините. Нивните навредливи пароли и фрлање предмети на теренот ќе го чинат сојузот 54.000 швајцарски франци или повеќе од сите други казни кои ќе ги платат актерите на овој контроверзен натпревар.