Кога во далечната 2009 година, тогашната влада информираше дека ќе се откупува земјиштето под згрaдите и околу зградите или ќе се плаќа закуп, веста звучеше како невкусна шега. Но, сепак, таков закон се донесе, а се однесува на старите згради правени со децении наназад во едно време на општествена изградба на државно земјиште, како и на фирмите кои се приватизирале, но земјиштето останало државно.
За да им се помогне на граѓаните, како што беа популистичките најави, откупот не се вршеше по пазарна цена, туку по цена од едно евро за квадратен метар. Еден дел од граѓаните, го откупија земјиштето, голем дел почнаа постапка која заглави во процедурите, а некои пак, одлучија ништо да не преземат.
Барањата за приватизација на државно градежно земјиште не се примаат по 15-ти декември 2014 година, а за среќа, заканите за кирија за неприватизираното државно земјиште сѐ уште не се остварија.
Но, завчера во собраниска процедура се најдоа Измени на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост според кои има нов рок за приватизација на дворните места, а тој е до 31 декември 2021 година.
Каде заглави откупот?
Но, дали новиот рок ќе значи успешно спроведена приватизација на државно градежно земјиште, ако многу обиди останаа нереализирани. Од Министерството за финансии не излегоа со податок за колкав број нереалзирани барања станува збор, но министерот за финансии Драган Тевдовски оцени дека законските измени се во корист на граѓаните и нагласи дека дел од граѓаните се пожалиле дека не можеле да го реализираат откупот.
Откуп на земјишето на парцелата на која е една станбена зграда може да го вршат сите станари, а трошоците се делат по увидот од Управата за имотно правни работи зависно од големината на станот. Но, ако сите станари не поднесат барање, тогаш Законот дозволува тие што поднеле барање да станат заеднички сопственици на земјиштето заедно со Република Македонија.
Но, како што објаснуваат во одделенијата за имотно правни односи во општините, речиси и да немало случаи кога некој сам или со дел од станарите врши откуп на земјиштето.
– Тоа го прават сите станари заеднички, со заедничко поднесување на документација. Но, многу пати сме се соочиле со нецелосна документација. На пример, некој станар да нема доставено оригинален имотен лист, и тука процедурата запира – објаснуваат во општините.
За да се откупи земјиштето под зградата самостојно или заедно со останатите станари, прво мора да се поднесе барање до Управата за имотно-правни работи во надлежната општина. Со барањето се приложуваат: копија од лична карта, имотен лист, договор за купопродажба или договор за подарок, односно наследно решение и изјава за непосредно владение на земјиште. Потоа треба да се извади копија од катастарски план на зградата, и извод од урбанистички план од општината, а сите овие документи и заверки чинат пари. На крај, ако е се во ред, комисија од Управата за имотно-правни работи прави проценка за тоа кој колку треба да плати.
Годишната кирија – 5 проценти од вредноста на дворот?
Ако не се приватизира земјиштето тогаш траба да се плаќа закупнина. „Висината на закупнината за градежното земјиште кое е предмет на закуп, како и начинот за наплата на закупнината, на предлог на министерот за финансии ги утврдува Владата на Република Македонија со посебен пропис“, пишува во Законот.
Во 2011 година, од страна на тогаш надлежните, на граѓаните им беше порачано дека ако не го приватизираат земјиштето ќе плаќаат годишна кирија која е 5 проценти од вредноста на дворното место, а таа вредност пак ќе биде утврдена зависно од местоположбата на зградата, односно од утврдениот реон.
Секако, новата влада има право со посебен пропис да утврди нови правила за цената на киријата.
СДСМ беше против откупот на дворни места
Меѓу старите информации може да се пронајдат и оние кога СДСМ жестоко зборуваше против откупот на дворните места.
– Почитувани граѓани по стапувањето на сила на овој закон и по изменувањето на рокот од 9 месеци, во коишто ќе можете да поднесете барање за оние кои не поднеле за приватизација на дворното место или за откуп, Владата ќе ви воведе кирија. Ќе си плаќате закуп за своите дворни места. И тоа Владата не ви го соопшти на прес конференција. Не излезе никој од министрите или групно да се сликаат, да кажат дека Владата сака од граѓаните на Република Македонија, дополнително да зема пари од кирија за дворните места – рече Марјанчо Николов, пратеник од СДСМ во својот говор во собранието во 2014 година.
Весна Дамчевска, „Слободен печат“