Парковите се претворија во јавен тоалет за домашни миленици

Од Општина Ѓорче Петров апелираат до жителите да ги пријавуваат несовесните сопственици на домашни миленичиња. Доколку пак се констатира сторен прекршок, казната изнесува 50 евра во денарска противвредност.

521

Детските игралишта и парковите се најпосетуваните места од страна на децата заедно со нивните родители, баби и дедовци во овој период од годината. Сепак, честопати, детската радост знае да биде скратена поради лошата хигиена на детските катчиња. Речиси и да нема детско игралиште во Скопје каде што нема измет од животни. Причините за тоа се неколку. Несовесните сопственици на миленичиња, додека ги шетаат своите животни, пред да ги вратат дома, најчесто ги носат во парковите или на места каде што има песок, односно во детските игралишта, за таму животните да си ги извршат своите физиолошки потреби. Откако ќе го направат тоа, сопствениците наместо да го соберат изметот на животното и да го стават во соодветна канта, најчесто решаваат да го игнорираат тоа.

Дополнителен проблем се и огромниот број кучиња скитници. Поради топлото време постојано шетаат и зад себе го оставаат својот измет, кој претставува сериозна закана за здравјето на сите граѓани, а особено за децата кои најчесто не гледаат ниту каде газат, а ако се помали, ниту што чепкаат со рацете.

Резултатот од сето ова се преполни паркови и детски игралишта со измет од животните, проблем кој со години трае, а никој од надлежните институции не успеа да смогне сили и да го реши овој сериозен проблем еднаш засекогаш.

Иако ваквата појава ја има на сите јавни површини во градот, сепак најалармантна е состојбата во Општина Ѓорче Петров, односно во паркот и на детските игралишта што се наоѓаат во непосредна близина на црквата „Св. Петар и Павле“.

– Мајка сум на две мали деца, кои секојдневно се надвор за да си поиграат со другарчињата. Но наместо да ги искористиме лулашките и преубавото зеленило што ни е непосредно пред зградата, мораме да одиме 15-20 минути до други заградени паркови, да минуваме големи крстосници, за да стигнеме до место што нема да претставува опасност за децата, бидејќи нашето паркче е преполно со измет од домашни миленици – раскажува револтирано жителка од Ѓорче Петров.

Таа тврди дека нема ништо против тоа некој да чува домашни миленичиња, но смета дека воопшто не треба некој да трпи последици од несовесните сопственици кои не внимаваат каде нивното животно остава измет, и иако е казниво со закон, не го собираат изметот. На тој начин, како што вели мајката на две малолетни деца, постојано е загрозено здравјето на децата кои секој слободен миг сакаат да го искористат надвор за да си поиграат на детските игралишта.

– Поголем број од сопствениците кои чуваат кучиња, секојдневно ги вадат своите миленици да извршат нужда во зеленилото во паркчето, кај лулашките, а понекогаш и на пешачките патеки, а притоа не го собираат изметот. Тревата и песокот каде што се лулашките смрдат и се преполни со измет. Се случи и тоа родители да остават децата да си играат во песокот и тие целите да се измачкаат со измет, верувајте, тоа не е само грдо туку е и опасно, таму играат дечиња на возраст од 1-3 години кои уште ги ставаат рацете во уста. Решението е едноставно, слободно шетајте ги милениците и нека ги извршуваат своите физиолошки потреби, но како што е редот, а и законот, потоа соберете си ги со ќесе и фрлете ги во ѓубре. Зарем дома кога ќе ви извршат нужда, оставате сè така размачкано на подот? – прашува револтирана жителка од Општина Ѓорче Петров.

Надлежните од оваа скопска општина тврдат дека досега немало пријави од страна на граѓаните за лоша хигиена на детските игралишта, односно за тоа дека насекаде има измет од домашни миленичиња, на зелени површини или на детските игралишта.

Нашите инспектори досега не вршеле конкретни контроли на детските игралишта за да ја утврдат посочената состојба, затоа што, официјално во општината досега не сме имале пријава за овој проблем. Инспекторите и комуналните редари досега немаат казнето лице за овој проблем. Ако не фатат прекршител на лице место, немаат право да го казнат – велат од Општина Ѓорче Петров.

Од оваа скопска општина информираат дека освен канти за комунален отпад, во овој дел на градот нема канти специјално наменети за измет од животни, но како што велат, можеби во иднина, доколку се покаже како неопходно, општината ќе постапи ваков вид канти.

Граѓаните можат вакви или слични проблеми, да пријават на службената електронска пошта и на телефоните во Општина Ѓорче Петров. Во зависност од содржината на пријавата, инспекторите решаваат дали треба да извршат увид и да преземат законски мерки. Доколку пак се констатира сторен прекршок, казната изнесува 50 евра во денарска противвредност, согласно член 14 од Законот за јавна чистота – потсетуваат од Општина Ѓорче Петров.

Елена Вељановска, „Слободен печат“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...