Адвокатите на Груевски бараат обвинителите да се изземат од „Тенк“

405

По барањата за изземање на судии кои беа поднесувани на изминатите рочишта во предметите на СЈО, адвокатите на поранешниот премиер Никола Груевски сега до судот поднесуваат нови барања, овојпат за изземање на обвинителите.

Десет минути по почетокот на денешното рочиште, одбраната на Груевски до канцелариите на СЈО, а 20 минути подоцна и до Кривичниот суд, поднесе барање за изземање на обвинителите Стевчо Донев и Ленче Ристоска, како и на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

Тие бараат да се одложи денешното рочиште, бидејќи по поднесување на барањето нема легитимен застапник на обвинението.

Судијката даде пауза до 14 часот за да одлучи за барањето. Во судница не беше кажано која е причината, но неофицијално како што дознаваме меѓу причините се сомневање за непристрасноста на СЈО наводно дека може да се јават како оштетени во постапката.

Барањето беше доставено во еден примерок, па адвокатите на Груевски го испратија телохранителот да направи копија и за СЈО.

Пред да го достават барањето, адвокатите на поранешниот премиер Никола Груевски во судницата во Кривичниот суд ги читаат писмените докази на одбраната во случајот „Тенк“ кој се однесува на набавката на блиндираниот мерцедес од речиси 600.000 евра.

Помеѓу нив, се писмени докази кои адвокатите ги собрале од Министерството за внатрешни работи, Министерството за финансии, Службата за општи и заеднички работи при Владата, ,,Ауто Македонија, итн.

По читањето, рочиштето требаше да продолжи со распит на обвинетите, Никола Груевски и Ѓоко Поповски. Тие ќе одговараат на прашањата на адвокатите, обвинителите и судиите од судечкиот совет со кој претседава Добрила Кацарска.

Но, дали ќе се продолжи со распит неизвесно е до одлуката на судот.

Во овој предмет покрај Груевски и Поповски обвинета во „Тенк“ е и екс министерката Гордана Јанкуловска, но поради ризичнабременост постапката за неа беше одвоена.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...