И ротаријанците ќе ги засукаат ракавите

Екоактивности за собирање и селекција на отпадот од јавните површини паралелно ќе се одвиваат во 13 градови низ Македонија.

382

Во сабота, 12 мај, од 10.30 часот, Ротари Македонија, во соработка со „Пакомак“, ќе организира акција за собирање и селекција на отпад, која ќе се одвива паралелно во сите градови во земјава во кои има Ротари клубови.

Акцијата под мотото „Ракавици, кеса, селекција – сите во екоација!“ е замислена да го одбележи првиот Ротари ден во Македонија. Главната цел на ротаријанците е да се подигне свеста за чиста околина, селекција на отпадот и значењето да се има чист град, како и дружба на членовите на клубот меѓусебе и со сите активни граѓани кои ќе се вклучат на акцијата.

Екоакцијата ќе се одвива паралелно во 13 градови во Македонија: Скопје, Велес, Кочани, Виница, Куманово, Тетово, Неготино, Штип, Прилеп, Кавадарци, Св. Николе, Битола и Охрид.

На 12 мај, со почеток во 10.30 часот, активностите ќе започнат во главниот град Скопје, со чистење на отпадот во Градскот парк. Истовремено, во останатите градови низ земјата ќе започнат екоацкии за собирање и селекција на отпадот. Во Велес ќе се чисти отпадот во Младинскиот парк, во Неготино просторот околу спортската сала „Младост“. Штипските ротаријанци ќе ги чистат парковите во централниот дел на градот. Битола ќе ја спроведе акцијата на локацијата кај новиот градски пазар на ул. Васко Карангелески, а во Куманово ќе се чисти долж булеварот Октомвриска револуција. Охриѓани ќе го чистат централното градско подрачје. Тетово подготвува голема екоација, со која ќе бидат опфатени повеќе локации и тоа: зелениот пазар, градскиот стадион, патеката покрај реката, градинки, градскиот центар и паркот, а ротаријанците од Св. Николе ќе го чистат излетничкото место Ѓуриште.

Ротари клубовите од цела Македонија ги покануваат граѓаните во споменатите градови да се приклучат на екоакцијата и со овој мал чекор, заедно, преку дружење да овозможат почиста средина за живеење.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...