Словенија ја затвора границата, а Албанија целосно го прекина авионскиот и поморскиот сообраќај кон Италија

774

Словенија по примерот на Австрија, поради коронавирусот ја затвора границата кон соседна Италија, јави дописникот на МИА од Љубљана.

Ова вечерва го најави премиерот во оставка Марјан Шарец. Границата се затвора за патнички возила, додека товарните и натаму ќе можат слободно да ја минуваат границата.

Владата ги повика сите словенечки граѓани кои се во Италија да се вратат дома, а ова посебно се однесува за тие што престојуваат во земјата туристички.

Претходно и Министерството за надворешни работи апелираше да не се патува во Италија, а властите забранија на аеродромот Брник да слетуваат авиони кои доаѓаат од кризните подрачја.

Албанија, од попладнево па до 3 април, целосно го прекинува авионскиот и поморскиот сообраќај кон Италија, како дел од мерките за спречување на ширењето на коронавирусот.

Денеска беа реализирани последните летови од Рим за Тирана и обратно. Од Рим во Тирана пристигнаа 70, додека за Рим отпатуваа 200 патници.

Целосно се забранува и поморскиот сообраќај. Последнот траект кој пристигна во Драч беше со 680 патници.

Албанските власти вчера донесоа одлука за прекин на авионскиот и поморскиот сообраќај само кон северниот дел на Италија, но откако во Италија беше прогласена црвена зона на целата територија, денеска е донесена одлуката зацелосна забрана.

По одлуката за прекин на наставата во училиштата, градинките, универзитетите, забраната за одржување на големи собири, спортски натпревари и концерти, од денеска во следните две недели затворени ќе бидат и вратите на судовите.

Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...