Уште шест дена им преостануваат на македонските иселеници да се пријават во Државната изборна комисија (ДИК) за да можат да гласаат на предвремените парламентарни избори што ќе се одржат на 12 април, но како што во моментов стојат работите, нивниот интерес е прилично мал.
За да се организира гласањето во странство, потребно е да се пријават 6.540 гласачи, а на гласачките места потребно е да има пријавено над 10 избирачи. Рокот за пријавување истекнува на 11 март, но според последниот извештај на ДИК, досега се пријавиле вкупно 2.051 гласач, но само 1997 пријави биле прифатени.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски за Плусинфо вели дека на македонските иселеници веќе им е смачено да излегуваат на избори, но и дека најголемиот дел од нив се крајно разочарани од политиката во Македонија.
– Можеби ние се шегуваме, но луѓето си избегаа од земјава и веќе не сакаат да имаат никаква поврзаност со сето она што се случува во Македонија. Смачено им е од избори, бидејќи се екстремно разочарани од политиката во земјава. Но, гледано и од логистички аспект, нашата дијаспора е распространета низ повеќе помали и поголеми градови низ светот, а тоа значи дека самите луѓе треба да прават дополнителни трошоци само за да гласаат на избори на кои никако не можат да влијаат и од кои не можат да извлечат никаков бенефит. Замислете само колкава е Германија, а оној што живее на 200 километри од амбасадата треба да изгуби цел ден и да потроши многу пари само за да гласа. Едноставно, на нашите иселеници треба да им се овозможи поинаков начин за гласање, бидејќи очигледно е дека актуелниот принцип не функционира баш најдобро – објаснува Пекевски.
Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, во понеделникот изјави дека лимитот мора да биде исполнет за да се организираат избори во дијаспората.
– Се надевам дека нашите иселеници ќе го исполнат оној лимит којшто е потребен согласно Изборниот законик да се пријават најмалку колку што освоил пратеникот со најмал број гласови на минатите избори, а тоа е пратеник од Изборната единица 6 кој освои 6.540 гласови. Ќе треба да се пријават најмалку толкu и нешто повеќе за ние да организираме избори во дијаспората – истакна Деркоски.
Што се однесува на процедурата за пријавување, секој иселеник треба најпрво да се регистрира на интернет страницата на ДИК и таму да наведе во која најблиска амбасада или конзулат ќе гласа на 11 април, еден ден пред одржувањето на изборите во земјава. За регистрација е потребен важечки македонски пасош, како и документ за потврда дека лицето живее надвор од Македонија.
Засега, најмногу пријави за гласање на претстојните избори има од нашинците во Гермаnија, во Италија, во Австралија, како и во Америка и во Швајцарија.
Гласањето на дијаспората ќе ја чини земјава околу 20 милиони денари, но како што објаснуваат од ДИК, тоа е за 10 милиони помалку од парите потрошени за претходните парламентарни избори во 2016 година.