Македонија денес е единствена држава во Европа каде што новинар е осуден на казна затвор само заради пишан збор. Условот кој што Кацарска судството и Русковска обвинителството му го даваат на новинарот за да не оди зад решетки е да престане да пишува за рекетот на криминалниот клан на фамилијата Заеви, на Зоран Заев и да престане да трага по вистината односно да не говори за најголемиот коруптивен скандал што ја тресе Македонија. На овој начин Заев се обидува да си обезбеди уште една амнестија. И кога постои страв и закани од казни во медиумите, Заев се надева дека ќе се сокрие неговата улога во случајот „Рекет“, истакна попладнево Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ.
– Казната затвор од 6 месеци за уредникот на „Инфомакс“ е доказ за едноумието кое сака да го наметне Зоран Заев. Тој и спрегата во судската власт сакаат да ги замолчат медиумите кои се критички настроени кон власта, кои секојдневно ги критикуваат лошите политики. Кои ги објавуваат скандалите за Заев, но и пишуваат за криминалот и корупцијата која што владее во државата. Толку од демократските и европските вредности на фамилијата Заеви и на Зоран Заев. Заев го боли што вистината за неговиот режим излегува на виделина. Зоран Заев сака во Македонија да постои медиумски мрак и никој ама баш никој да не пишува и никој од граѓаните да не дознае за криминалните тендери, растечката корупција или за фактот дека токму тој е главата на криминално рекетарскиот октопод – рече Арсовски.
Тој додаде дека новинарот Александар Митовски е осуден поради тоа што изнесе на виделина „докази кои се од јавен интерес во кои постојат сериозни индиции дека Зоран Заев ги предупредил Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милевски – Кичеец дека се откриени во криминалниот случај „Рекет“.
Главниот и одговорен уредник на Инфомакс, Александар Митовски беше обвинет за оддавање службена тајна при објавувањето на исказите на сведокот Орце Камчев, за што беше условно осуден на 6 месеци затвор, доколку во наредните две години не го повтори делото.