Сведокот Александар Кртов, сопственик на уметничка галерија во своето сведочење во случајот „Рекет“ рече дека тој му предложил на Бојан Јовановски да стави уметнички слики во станот во Орман.
– Јас му предложив да ставиме некои слики во станот во Орман додека го уредуваше. Кај него доаѓаа луѓе и имав идеја да направиме аукција. На ТВ 1 имаше еден серијал „Катерина Велика“ и идејата беше да се прикажат уметничките дела, да се изрекламираат на една тв аукција, а потоа ние да си ги продаваме во галеријата. Имаше изложено осум дела, за кои имавме реверс, немавме договор, галериите го практикуваат тоа. Не беа репродукции, туку оригинали. Беа пет слики на Личеновски, две на Мартиновски и една на Коџоман – одговори сведокот на прашање на Сашо Дуковски, бранител на Јовановски.