Потврда од Брисел и помека во Скопје, молам!

Да да, зборувам за потребата Брисел да ни даде уште еден поттик за почеток на преговорите со ЕУ, но и за реториката во Скопје, која треба да биде помека, државнички поодмерена, поинклузивна и помалку предизборно воинствена.

11617

„Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија е реален и прецизно го отсликува напредокот на државата во процесот на евроинтеграциите. Со доделување датум за пристапни преговори, што по четврти пат го препорачува Европската комисија, Советот на ЕУ ќе отвори ново поглавје за нашата земја, чин кој ќе знаеме да го цениме и да одговориме“, соопшти вчера СДСМ.

Упс, грешка, извинете ве молам!

Наведениот цитат е изјава на поранешниот премиер Никола Груевски, од 10 октомври 2012 година, по повод позитивниот извештај на ЕК што Македонија го добива таа година. Погрешно пребарување на Гугл, тоа е…

Вистинската изјава на СДСМ, по повод најновата препорака, гласи вака:

„Позитивниот Извештај на Европската Комисија за Република Северна Македонија претставува потврда на успешните евроинтегративни политики на СДСМ и претседателот Зоран Заев и на резултатите кои ги постигнавме во скратениот мандат од две и пол години“.

Има ли сушиунска разлика во изјавите? Нема.

Додуша, во актуелнава изјава на СДСМ – за разлика од онаа во 2012 година, кога Груевски е во зенитот на моќта и е свесен дека нема ништо од датум и преговори додека земјата не ги реши своите меѓународни спорови, та затоа галантно ќе рече дека позитивниот извештај е „успех на сите граѓани на Македонија“ – СДСМ предизборно успехот си го присвојува само за себе и за Зоран Заев. Ама, како и да завртите, суштинска разлика во нашата перцепција за европските извештаи нема, тој што е на власт секогаш сака позитивните оценки да ги прикаже како потврда од Брисел на своите „исправни политики“ и на своите „успешни реформи“.

Веќе видено, доживеано, заедно со разочарувањата кои следат после секој добар европски извештај. Така е и во животот, нели. Секој сака да се фали со успесите, а неуспесите да ги припишува на некој друг. Затоа и мудрецот рекол дека успехот има илјада татковци, а неуспехот е сираче.

Некои луѓе упорно одбиваат да сфатат дека позитивните оценки од Европската комисија, всушност, се пласираат најчесто како охрабрување за нашите лидери да влезат во длабоки, суштински реформи, какви што објективно сè уште немаме речиси во ниту една област. Да ве потсетам, Никола Груевски добиваше позитивни оценки за „реформите“ дури и во годините кога Македонија беше драматично изолирана земја и заробена држава во секој поглед. Позитивни оценки Македонија добива и сега, кога независните меѓународни посматрачи регистрираат пораст на корупцијата и кога државата ја оценуваат како хибриден режим.

Нема тука никаква контрадикција или апсурд. Тоа е старата, добро позната тактика на ЕУ – бирократите што пишуваат извештаи ни делат моркови, а европските лидери нè удираат со стапот.

Како и да е, јас посакувам следниот пат стапот да не „заигра“, бидејќи владата на Зоран Заев сепак го исполни сето она што европските лидери го бараа од неа, барем во клучната рубрика „политички пречки што треба да се совладаат“. Затоа, би било убаво уште оваа пролет да ни се случат две важни работи:

Прво, би било навистина убаво и значајно Македонија да добие датум за почеток на преговорите. Не заради „уметнички дојам“, туку заради иднината на реформите. Бидејќи, јас сум убеден дека вистински, длабоки и неизбежно болни реформи во Македонија се можни само низ преговарачкиот процес со Европската унија. Никако поинаку.

И второ, би било убаво заедно со потврдата од Брисел што ја добиваме и која треба да биде заверена, да слушнеме и една поинаква реторика во Македонија, помалку присвојување на „историските успеси“, помалку фалење со реформите (оти не сме баш за фалење) и помалку воинствени повици кон „антиевропските сили“ кои го блокираат напредокот. Реториката во Скопје треба да биде помека, државнички поодмерена, поинклузивна и помалку предизборно воинствена.

Меѓу другото и тоа покажува колку сме спремни и доволно цивилизирани да станеме дел од елитното европско друштво.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...