Инциденти кај Еврос, тензично и на Лезбос и Хиос

Грчките медиуми објавија фотографии од пакувања турски солзавци, за кои тврдат дека се нашле на територијата на Грција.

255

Одлуката на Турција да ги отвори границите за мигрантите предизвикаа проблеми во Грција, како на копнениот граничен премин кај Еврос, каде што се собрани илјадници бегалци и мигранти, така и на островите во близина на турското крајбрежје, каде што и покрај студеното време пристигнуваат пластични и гумени чамци, јави дописничката на МИА од Атина.

Ситуацијата е особено тензична на „Кастањес“, на грчко – турската граница кај Еврос, каде што со прекини, и во текот на ноќта, но и денеска се случија инциденти и обиди за влез во Грција.

Грчката Влада утрово соопшти дека насобрани се над 4000 бегалци и мигранти, а според локалните медиуми оваа бројка постојано се зголемува, бидејќи како што објавуваат, од Турција, лицата со автобуси и комбиња се пренесуваат до граничниот премин со Грција.

Бегалците и мигрантите со камења и предмети ја напаѓаат грчката страна, а специјалните полициски сили и граничната полиција на Грција, одговараат со солзавци и шок бомби за луѓето да се оддалечат од граничната линија.

Грчките медиуми објавија фотографии од пакувања турски солзавци, за кои тврдат дека се нашле на територијата на Грција.

Паралелно, од вчера попладне, континуирано се зајакнуваат полициските сили на граничниот премин, со полицајци, главно од северниот дел на Грција за да блокираат нелегални премини и по теченијата на реката Еврос.

Според „Катимерини“, во текот на вечерните часови се очекува да пристигнат 400 полицајци, како и уште четири специјални полициски единици од Атина, а ситуацијата на и околу границата се надгледува со дронови.

Хрисохоидис: Луѓето на грчко- турската граница не дојдоа сами, ги користи Турција

Министерот за цивилна заштита на Грција Михалис Хрисохоидис и денеска беше во близина на грчко – турската граници од каде што, исто како и вчера, уште еднаш испрати порака дека Грција е решена да ги чува границите, но и дека без легални патни исправи никој нема да може да влезе во земјата.

– Ситуацијата е тешка и истовремено непријатна. Илјадници несреќни луѓе се собрани на нашата граници. Тука, не дојдоа сами, ги турка, ги брка и ги користи соседната земја, Турција. Сакаме да испратиме порака во секоја насока дека нема да дозволиме никој да помине без легални патни исправи. Грција има граници, Европа има граници, а Грците ги чуваат – рече Хрисохоидис.

Тензично на Лезбос и Хиос

Министерот за поморство на Грција Јанис Плакиотакис, утрово, говорејќи за грчката телевизија „Скај“ рече дека на турското крајбрежје се собираат бегалци и мигранти за, по морски пат, да стигнат до некој од грчките острови и паралелно истакна дека постои план за дополнително зајакнување, на веќе засилената крајбрежна служба на Лезбос, Хиос и Самос.

И покрај лошите временски услови, во изминатите 24 часа, на Лезбос и Самос пристигнале 122 бегалци и мигранти, а грчката крајбрежна служба, во два случаи спасила вкупно 58 лица.

Во текот на ноќта, според локалните медиуми, тензично било во прифатните центри и на Лезбос и на Хиос. Во кампот Морија, се проширила лажна вест дека границите се отворени, а на пристаништето е закотвен брод за пренесување на бегалците и мигрантите во копнениот дел на Грција.

По ова стотици баратели на азил излегле на улиците и се упатиле кон пристаништето на Лезбос.

На островот Хиос, во бегалскиот камп ВИАЛ, синоќа избиле инциденти меѓу Сиријци и Сомалијци и биле запалени најмалку 13 шатори, според локалните медиуми, додека пак тензиите продолжиле и во текот на денешниот ден.

Грчката државна телевизија ЕРТ објави дека полицијата привела пет лица, а 12 биле повредени и пренесени во болница.

Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...