Филипче: Сите кои се враќаат од критичните региони доколку добијат симптоми, да не шетаат по болници туку да се јават на телефон

Сите четири институции располагаат со околу 150 кревети. Јавноста да не наседнува на лажни вести и да не се крева паника без потреба, изјави министерот Филипче. На денешната седница на Владата ќе се разговара за откажување на сите планирани патувања во Европа организирани од страна на државните институции.

294

Сите лица кои пристигнале во државава од критичните региони каде има заразени од коронавирусот да се придржуваат до препораките кои ги добиле во флаерот, а тоа е доколку после патувањето во одреден период од две недели добијат некакви симптоми да не одат низ здравствените институции, туку да се јават на телефоните во Центарот за јавно здравје или Институтот за јавно здравје, за да може тим соодветно опремен да ги посети во нивните домови. Здравствениот систем е подготвен и подготвени се сите капацитети на Клиниката за инфективни болести и на трите инфективни одделенија во Штип, Велес и Гостивар. Сите четири институции располагаат со околу 150 кревети. Јавноста да не наседнува на лажни вести и да не се крева паника без потреба.

Ова денеска го изјави министерот за здравство Венко Филипче, кој уште еднаш апелираше да не се патува без некоја посебна потреба во Италија, посебно во северните делови, како и во критичните региони без итна потреба, а граѓаните да се придржуваат на мерките што се дистрибуирани во смисла на одржување лична хигиена, бидејќи тоа помага во спречување на ширење на  инфекцијата и сите други инфекции, како и актуелниот грип.

На денешната седница на Владата ќе се разговара за откажување на сите планирани патувања во Европа организирани од страна на државните институции.

Филипче потенцира дека има сосема доволна количина потребен материјал, односно оти располагаат со околу 40.000 маски и 10.000 мантили и скафандери, но оти се подготвува и набавка на дополнителен број.

– Во текот на денот ќе се дистрибуира целиот материјал, информативниот прашалник и заштитниот материјал до сите гранични сувоземни премини и дополнение на аеродромите таму каде што недостига. Имаме сосема доволна количина резерви како на маски, мантили, понатаму на скафандери која ќе ја дополниме во периодот што следи – рече Филипче.

Во врска со тоа дали има доволно маски во аптеките рече дека контактирале со неколку добавувачи и тие им кажале дека има доволна количина.

Истовремено, нагласи, денеска очекуваме да се надополни оваа сега резерва што ја имаме со одредена количина и од Црвениот крст, така што во овој момент немаме информација дека нема доволно материјал.

– Ние сме на располагање 24 часа за споделување на сите точни информации во однос на тоа што точно се случува со пациентите, протокот, влезот, најавените можни патници од критичните региони и мерките кои ги преземаме, истакна Филипче и додаде дека во рамките на Министерството за здравство ќе функционира кризна група во која ќе членуваат експерти од областа на епидемиологијата и инфективните болести со цел менаџирање на сите информации и тековни активности во врска со случаите со коронавирус – додаде Филипче.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...