Џафери ќе ја предводи листата на ДУИ во „петката“, Меџити најизвесен во „единицата“

Потпретседателите Теута Арифи, Невзат Бејта и Садула Дураку воопшто нема да бидат кандидати за пратеници, а на листите нема да се најдат ни актуелните пратеници Џеват Адеми и Реџаил Исмаили.

797

Жестока конкуренција помеѓу актуелни функционери, „пензионирање“ на стари кадри, но и нови лица ќе донесе понудата во албанскиот политички блок за предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат на 12 април. Карактеристично за ДУИ е дека најверојатно само Изет Меџити како потпретседател на партијата е во трка за носител на пратеничка листа, додека потпретседателите Теута Арифи, Невзат Бејта и Садула Дураку воопшто нема да бидат кандидати за пратеници.

За носител на „единицата“ од ДУИ предложени се Изет Меџити, Артан Груби и Бујар Османи. Партиски извори брифираат дека Меџити ја има поддршката од сите месни комитети и очекувањата се дека тој ќе ја предводи Првата изборна единица.

Во „единицата“ Меџити ќе треба да се соочи со кандидат на Алтернатива од коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива. Неофицијално се споменуваат имињата на генералниот секретар на Алтернатива Скендер Реџепи – Зејди, но и стоматологот Беким Сали.

За Втората изборна единица во конкуренција за носител на листатa од ДУИ се директорот на Ургентен центар Илир Хасани и министерот за образование Арбр Адеми. И за „двојката“ како можен носител на листа се споменува Артан Груби.

Претседателот на Алтернатива Африм Гаши во „двојката“ ќе се соочи најверојатно со докторот Хасани.

За Третата и за Четвртата изборна единица ДУИ допрва ќе определи носители на листи, додека коалицијата Алијанса и Алтернатива ќе решава дали воопшто да номинира кандидати за пратеници.

Во Петтата изборна единица, како што велат од ДУИ, без конкуренција за носител на листа е претседателот на Собранието, Талат Џафери. Битката во „петката“ Џафери ќе ја води или со пратеникот Сурија Рашиди од Алијансата за Албанците или со партискиот потпретседател Ремзи Мехмеди.

„Шестката“ во албанскиот блок е резервирана за лидерите на партиите, односно таму политичката битка ќе ја водат Али Ахмети од ДУИ и Зијадин Села од Алијансата.

Во трка во Шестата изборна единица со Ахмети и Села ќе влезе и лидерот на Беса Билал Касами без оглед дали на изборите ќе оди во предизборна коалиција со СДСМ или Беса ќе настапи сама. И претседателот на ДПА Мендух Тачи ќе биде во „шестката“.

Впечатливо е дека на листи на ДУИ освен потпретседателите се очекува да не се најдат ни пратениците Џеват Адеми и Реџаил Исмаили, поради најавата дека ќе одат со нови кадри.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...