ЕК ја поддржува инцијативата „Мини Шенген“

213

Во рамките на агендата со активности за време на дводневната посета на Брисел, премиерот Оливер Спасовски учествуваше на ручекот што за лидерите на Западен Балкан го приреди еврокомесарот за проширување и соседска политика на Европската Унија, Оливер Вархеји.

На средбата на која присуствуваа и претседателите на владите на Албанија и на Србија Еди Рама и Ана Брнабиќ, стана збор за значењето на прифаќањето за учество на донаторската конференција „Заедно за Албанија“ за реконструкција и санација на последиците од земјотресот во Албанија на 26 ноември минатата година, и за солидарноста што ја споделуваат и земјите од Западен Балкан како една од темелните вредности на Европската Унија.

Лидерите на Западен Балкан и еврокомесарот за проширување и соседска политика на ЕУ Оливер Вархеји разговараа и за регионалната соработка како значаен придонес на секоја од земјите од регионот во зајакнувањето на капацитетите за меѓусебна поддршка во остварувањето на стандардите за забрзување на процесите за интеграција на секоја од земјите од Западен Балкан во ЕУ.

Во таа насока на средбата беше истакнато дека Европската Комисија ја дава целосната поддршка за инцијативата за зајакнување на регионалната соработка, популарно позната како „Мини Шенген“ и беше нагласено дека таа треба да биде максимално инклузивна и да се одвива по европски стандарди.

На работниот ручек што го приреди еврокомесарот Вархеји стана збор и за новата методологија за проширување за која беше речено дека му дава нов квалитет на процесот и дополнителна мотивација за земјите со аспирација да го забрзаат остварувањето на членството во ЕУ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...