„Снежен град“ на Попова Шапка

327

Детскиот културен центар „Карпош“- Скопје од 16 до 21 февруари годинава на Попова Шапка ќе ја организира и реализира традиционалната детска манифестација „Снежен град и карван“.

Учесниците на оваа манифестација, што се одржува по 43 пат, ќе бидат сместени во хотелот „Славија“-ЕЛЕМ, кој е и соорганизатор на манифестацијата.

„Учесници-градители на Снежниот град се ученици од повеќе основни училишта од Скопје. Сите тие се екипирани по петнаесет деца со свој ментор и со потребните алатки, градат склулптура каде ја прикажуваат својата креативност и талент. Децата кои учествуваат на Снежен град користејќи ја својата фантазија се вистински уметници кои си играат со снегот и го претвораат во објект кој што тие си го замислиле. Веруваме дека како и секоја година ќе направат впечатливи, уметнички скулптури“, соопшти ДКЦ „Карпош“.

Во рамките на манифестацијата, како што наведува Детскиот културен центар, се одржуваат и други активности од забавно-рекреативен карактер, како што е избор на Снежната убавица, спортски игри и натпревари во пинг понг, билијард, шах, училишна квизотека, пикадо, снежен крос, најслатка бонбона, снежно бинго, бал под маски, забава и танцување во дискотека за учесниците на Снежниот град.

На 21 февруари децата-градители заедно со директорката на ДКЦ „Карпош“, Билјана Лалчевска Серафимовска, свечено ќе го отворат „Снежниот град“, за сите посетители кои ја сакаат оваа уметност и ќе имаат можност да ги разгледаат ремек делата на малите креативци направени од снег.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...