Невозможна мисија е лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, да ги седне на иста маса поранешните сопартијци, а сега лути политички ривали – претседателот на Беса, Билал Касами и претседателот на Алтернатива, Африм Гаши – за договор за заеднички настап на предвремените парламентарни избори најавени за 12 април. Но, ова не значи и дека дефинитивно е невозможна трипартиска предизборна коалиција иако како што сега стојат работите шансите за тоа се сведени на минимум.
Клучно дали ќе има предизборна соработка меѓу трите партии ќе биде менаџирањето на Села меѓу раскараните Касами и Гаши. И додека Беса излезе со став дека би соработувала со Алтернатива за да ја победат ДУИ, од партијата на Гаши засега нема такви сигнали.
Од Алтернатива за Плусинфо велат дека Гаши нема да седне на маса со Касами. Од таму велат дека добро одат разговорите со Алијансата за Албанците и оти се сконцентрирани на евентуална коалиција со партијата на Села.
Преговараме со Алијансата, ако се договориме ќе одиме во предизборна коалиција. Втора фаза е дали Алијанса ќе договори соработка со Беса, тоа засега нас не нè интересира – велат од Алтернатива.
Од Алтернатива не сакаат да коментираат дали евентуалната коалиција со Алијансата ќе ја условат во неа да не учествува Беса, иако потврдуваат дека мали се шансите за тројна соработка.
Од таму се сомневаат дека ставот на Беса за трипатиска соработка е блеф, односно дека е само позиционирање во преговорите со Алијансата.
Алијансата за Албанците веднаш по лидерскиот договор изборите да се одржат на 12 април излезе со понуда за предизборна коалиција со Алтернатива и со Беса за ДУИ да ја сместат во опозиција. За Села неприфатлива е соработка само со ДПА на Мендух Тачи.
Викендов, Беса на Централно претседателство ја потврди одлуката дека се отворени за трипартиска предизборна коалиција во согласност со повикот на Алијансата за Албанците.
Дали Беса е искрена во подавањето рака на ривалската Алтернатива или е позиционирање во преговорите со Алијансата ќе се разјасни откако Села ќе обелодени со која од двете партии постигнал договор за предизборна коалиција. Првичните брифинзи од Беса за евентуална коалиција помеѓу Касами и Села беа дека доколку Алијансата инсистира во коалицијата да биде и Алтернатива тие ќе инсистираат да им се придружи и ДПА на Тачи, што пак за Села е неприфатливо. Алтернатива и тогаш и сега е на позицијата дека се минимални шансите за коалиција во која ќе биде Беса.