Протестот како предизвик

374

Добро е да ја завршиш старата година и да ја почнеш новата со – култура. Особено со така скокотлива тема како што е, на пример, протестот како средство за поткревање на вниманието на јавноста, како постигнување на одредена цел, па и како форма на уметничка активност, зошто да не! Впрочем, во изминативе десеттина-петнаесет години во државава се изнагледавме протести од секаков вид: протест на работници прогласени за технолошки вишок, протест на загубари, на исклучени од парно, протести против ЕВН … средношколски и студентски протести … па сѐ до антивладините протести коишто прераснаа во неповторливата „Шарена револуција“.

Иако видовме и „протести“ од друг тип, оние таканаречени контра-протести на „домобранските сили“ на тогашната позиција односно власт, а против сите потези на тогашната опозиција, па и против „Шарената револуција“! Би имало голема и силна конкуренција за најступидни протести, а меѓу нив и оние, на пример, „за правда кон Никола Груевски“ (ноември 2018), па оној на директори на национални културни институции (сосе зурли и тупани) контра опозициските пратеници и нивното негласање за државниот буџет и многу други слични будалаштини. Тоа беа тип на трагикомични „протести“ за коишто не знаевме дали да се смееме заради тупоста на „протестантите“ или да плачеме над сопствената (антикултурна) реалност! Но, како и да ѐ, си ја спознавме сопствената (не)култура, „творците“ во неа, самоповиканите наши авторитети во културата, меѓу нив и носители на разноразни „титули“ и „награди“ итн.

Оние кои најмалку или воопшто не ги гледавме низ улиците или преку каква и да ѐ друга форма на (не)организиран протест беа македонските ликовни / визуелни уметници. Што беше чудно, нели, не само заради самата (толку често потенцирана) нивна бунтовна природа, туку и заради сериозните, дури витални проблеми што се трупаа во таа област во текот на стравовладата на злосторничкото здружение, особено со таканаречениот проект „Скопје 2014“ но и многу други во директна организација на државата тоест Министерството за култура. Тие останаа неми дури и на онаа партиска акција на тогашната постава на Министерството за култура за префрлувањето на ѓубрето – еуфемистично наречено уметничко дело! – од ателјеата во депоата на националните институции на име на откупи, по не така мали цени. И во тие „откупи“ се вброија и уметници / дела, главно со злосторничко-партиска провениенција, или просто миленици и симпатизери на тогашната власт, кои ни на сон не помислувале дека на кој и да е’ начин ќе влезат во некоја сериозна национална институција од областа на ликовната уметност. А меѓу нив и такви кои одвај и беа завршиле академија! Но и на тоа македонските ликовни уметници останаа – глуви, и неми!!!

Но, зошто ги издвојувам баш ликовните уметници, а преку нив и нивното здружение ДЛУМ? Затоа што токму нивниот протест искажан на Годишната изложба на Друштовото на ликовните уметници е еден од индиректните поводи за овие редови, паралелно, се разбира, со сѐ уште неисчистениот жабурник наречен македонска култура, но и тотално некритичкиот одглас на тој протест во македонските медиуми. А сепак, мора да се потенцира дека македонските ликовни уметници не беа единствените кои молчеа во времето на процесот на заробувањето на државата. Не, молчеа и сите други: писатели, музичари, критичари, музеалци, заштитари … молчеше целата култура, без остаток. Одмолчеа и сите оние (таканаречени) слободоумни уметнички здруженија со меѓународни „лиценци“, оние коишто по правило треба да бидат движечката сила во општеството во борбата за уметнички права и слободи. Поединечните (јавни) гласови на отпор и протест не ги земам предвид бидејќи сепак беа израз на индивидуално несогласување со тогашните политики, меѓу нив и (не)културните. Токму затоа сега ги потенцирам ликовните уметници, зашто нивниот неодамнешен протест дојде некако во чудно време, по чуден повод, со нејасни, (да не речам) чудни цели!

Но, прво, зошто чудно време? Затоа што токму во времето на овој „протест“ веќе течеше најавуваниот предупредувачки штрајк на Синдикатот на културните работници на Македонија, а при крај беше и процесот на усогласување и потпишување на Колективниот договор во културата – нешто што не беше направено цели петнаесеттина години, а за што ни ДЛУМ ниту пак кое и да ѐ друго уметничко здружение во Македонија не пушти ниту глас, уште помалку да протестира. А требаше, зашто тоа им беше / е’ основен инструмент за правата во културата!

Второ, зошто чуден повод? Затоа што избраниот повод – редовната Годишна изложба на Друштвото на ликовните уметници на Македонија тоест добивањето средства од Министерството за култура само за печатење на каталог – не беше прв и единствен таков случај. Напротив! Поточно, речиси и да не можам да се сетам кога било поинаку, не само во оние петнаесеттина изминати години што ги спомнувам туку и пред нив, во некои поблагопријатни за културата времиња. Но, на ова ќе се навраќам и подоцна.

И третото, зошто велам со нејасни тоест чудни цели? Имено, повторно, ова не беше прв пат туку речиси прерасна во традиција за тој тип на годишни изложби да се доделуваат средства само за печатење на каталог. Имало времиња, многу поодамна, кога се добивале средства, минимални додуша, и за редовните годишни награди, ама во случајов никој не го спомна тоа како проблем туку главно, безмалу низ сите медиуми, се потенцираше добивањето на пари „(…) само за дизајн на каталог и каталог“[1], а сосема спорадично се спомнуваше некакво незадоволство од политиките на Министерството за култура (без да се укаже на кои и на што се мисли), погрешни политики на Министерството за култура кон ДЛУМ (повторно без соодветни примери), итн.

Или, ако сакате, целиот „протест“ се случи, и помина, без поширока елаборација не само од носителите туку и како одглас кај македонските медиуми, инаку пословично неуки кога станува збор за културата, особено за ликовната уметност, но и кај некои (самонаречени) професионалци кои во протестот видоа „нешто“ – не разбравме што? – што треба(ло) да се одбележи.

Е сега, токму овде можеби треба да го кажам и мојот став за целиот „настан“, за да нема идни недоразбирања. Лично, би поддржал, како и што сум поддржувал, секаков образложен и (не задолжително) оправдан протест не само контра власта, која и да е’, туку и против поединци и групи кои загрозуваат нечии права и слободи (човечки, професионални, родови …). А имајќи ги предвид актуелните состојби во општеството, мислев дека нема да куртулиме од такви протести – образложени и (не задолжително) оправдани. Зошто велам дека протестот не мора задолжително да биде оправдан? Затоа што тој поим е прилично (условно) растеглив и проблематичен кога станува збор за поединечни и групни права, особено правото на протест. А тука, еве, го вбројувам и токму оној спомнат и за многумина од нас безумен протест „за правда кон Никола Груевски“, но не можете само заради тоа да и’ го оспорите правото на протест на таа група. Или, само малкумина од нас можеа да се придружат или поистоветат со протестот на таканаречените „црвени чадори“, којшто патем наиде на многу потсмешливи и дури безобразни коментари во јавноста не баре тие немаат никакви права во ова општество! Се разбира, немам намера да ги поистоветувам овие настани со ДЛУМ-овиот протест, ама не можеше да не се забележи, на пример, дека меѓу „протестантите“ имаше и уметници кои инкасираа дебели хонорари во времето на злосторничкото здружение, кои заработуваа како никогаш дотогаш, за едно (лошо, да не речам бедно според квалитетот) дело во оној Музеј на македонскиот хорор наплатуваа по десетици илјади евра … Е сега, тоа време помина, за нивна жал. Протестираа ли тоа време да се врати?

Се разбира, не можам, ниту пак сакам јас да одговорам во нивно име. Но во нивно име, поточно во името на ДЛУМ, за среќа, или не, некои нешта релативно беа појаснети низ малкуте официелни изјави, во коишто се вели: „Ликовните уметници не земаат хонорари за своите дела. Државата не откупува дела, нема никакви стимулативни мерки за уметниците. Порано се откупуваа дела и се поставуваа во државните институции, во Националната галерија, во Музејот на современата уметност. Државава нема никаков третман за уметниците“ (sic!).[2] И толку. Дали е сега појасно? Или не е? Или сега влегуваме во уште поголеми небулози од самиот „протест“?

[1] Уметниците штрајкуваат, годишна изложба на ДЛУМ не се одржа, ПОРТА3, 25.12,2019

[2] Годишна изложба на ДЛУМ – црна лента на бели ѕидови, mkd.mk, 26.12.2019

Извор: Теодосиевски уметност

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...